Петрески: Зголемената минимална плата во поранливите дејности ќе направи деформализација, а во добростоечките фирми раст на платите

од Берта Китинска
530 прегледи

Владата, Сојузот на синдикати и работодавачите постигнаа договр за покачување на минималната плата. Со тоа 80.000 граѓани, работници во различни индустрии, почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари, или или 61.8% од просечната плата во земјата.

Професорот по економија Марјан Петрески смета дека новот покачување на платите во поранливите дејности и фирми ќе доведе до деформализација, додека пак во добростоечките компании ќе дојде до раст на платите.

-Од економска гледна точка, анализа на Меѓународната организација на трудот која ја авториравме јас и колеги од 2018 година покажува дека зголемувањата на минималната плата водат кон т.н. израмнување на примателите на минимална плата со нивото од работници кои претходно се наоѓале на тоа ниво. Значи, зголемувањето на минималната плата не врши некаков притисок врз оснататите плати. Да спомнам дека ова не треба да се меша со поместувањето на останатите плати кое настана поради субвенцијата на придонесите на плати во рангот од 600 до 6.000 денари, вели во разговор за „Локално“, проф. д-р Петрески.

За тоа дали сегашното зголемување на минималната плата ќе доведе до пораст на другите плати, професорот смета дека во моментов точно не може да се прецизира дали тоа ќе се случи.

-Во фирми и дејности кои се подобростоечки, очекувам дека ќе биде неминовно да се поместат платите кои се блиску до новото ниво на минималната плата, со цел да не се демотивираат работниците дека добиваат иста плата со работници кои имаат пониско образование, помало искуство од нив. Во фирми и дејности кои се поранливи, а такви се многу во секторите угостителство, трговија, лични услуги, очекувам дека не само што нема да има помак кај другите плати, туку и дека ќе се случи деформализација, практики што ги знаевме од минатото, како на пример осигурување на работникот на 4 часа, барање да работи 8 и дополнување со „плата во плик“, објаснува професорот.

Гледано од правна гледна точка, професорот вели дека Колективниот договор за јавниот сектор не предвидува коефициенти на сложеност, односно ги препушта на гранковите колективни договори.

-Конкретно, на пример Колективниот договор за државната управа, во член 45 предвидува коефициенти на сложеност кои по автоматизам овозможуваат сите други плати да се променат пропорционално при нова минимална плата. Истото е предвидено во член 19 од Општиот колективен договор за приватниот сектор, иако тој дава само една широка рамка, а попрецизното регулирање на скалата на плати е направено во гранковите колективни договори. Така што, не гледам зошто би се проблематизирало прашање кое е соодветно регулирано во колективните договори, чие непочитување се разбира дека повлекува правни последици. Но, друга моја студија која во 2021 ја подготвивме со колегата Александар Ристовски од Правниот факултет, исто така за МОТ, покажа дека на терен има нецелосно спроведување на овие одредби, со тоа што фирми кои не можат да издржат општо зголемување на платите истапуваат од гранковите здруженија на работодавачи и со тоа за нив гранковиот колективен договор престанува да е правно-обврзувачки, а одредени дејности не ни имаат гранкови договори, вели тој.

Вчера со 101 глас ЗА, ниту еден против и без воздржани пратениците во Собранието ја изгласаа потребата од носењето на Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за минимaлна плата во Република Северна Македонија.Со предлог законот кој се носи по скратена постапка минималната плата ќе изнесува 18.000 денари.Предлог законското решение, треба да ги помине собраниските комисии за труд и социјална политика и законодавно – правната комисија.

Договорот за покачување на минималецот беше постигнат во понеделникот вечерта (7 февруари), по неколку дена разговори меѓу Сојузот на синдикати на Македонија, Владата и организацијата на работодавци.

М.А.

Слични содржини