На јавниот повик за дигитализација на земјоделството, во Фондот за иновации пристигнале 39 иновативни предлог решенија. Колку од нив ќе го делат буџетот од шест милиони денари, ќе се знае до крајот на мај кога треба да бидат избрани најдобрите решенија за модернизација и дигитализација на македонскиот агробизнис.
„Оние кои се занимаваат со земјоделство, знаат за каква предност станува збор кога производството е современо и се одвива во контролирани услови во текот на целата година”, вели во интервју за Локално првиот човек на ФИТР Коста Петров.
Во насока на дигитална трансформација на целата индустрија е и иницијативата за креирање на Национална стратегија за вештачка интелигенција која според Петров, „ќе им овозможи на компаниите да ги надминат предизвиците со кои се соочуваат и ќе создаде можности за развој на вештачката интелигенција“. ФИТР веќе финансира шест такви компании.
Веќе во јуни ќе се знаат и новите вистински стартап херои чии производи треба да се појават во маркетите во ноември.
„Стартап херои“ е вистинска можност за малите стартап претпријатија кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ со потенцијал за пласман, преку предизвикот, да реализираат активности со кои ќе го подготват својот производ за успешен влез во малопродажба,објаснува Петров.
Јавниот повик „Стартап херои” ја продолжува низата акции за подршка на храбри и иновативни идеи. Какви се вашите очекувања имајќи го предвид фактот дека овој пат треба да им помогне на претпријатијата да пуштат во продажба производ со веќе развиен прототип? Колку такви фирми постојат во Македонија кои ќе можат да ги исполнат условите за аплицирање и за кои категории на производи очекувате да има најголем интерес? На кој начин ФИТР ке им помогне таквите производи да се пласираат на домашниот пазар?
-Верувам дека секој од нас често наидува на фантастични производи кои се продаваат преку социјалните мрежи, по препорака на некој кој веќе купил, долгогодишни семејни рецепти кои се прават и продаваат на мал круг луѓе…а за жал производителите немале шанса и можност за комерцијален пласман и влез во некој од големите маркети. Сите оние „мали производители“ знаат дека патот од производ до полица некогаш воопшто не е едноставен а бара и сериозна финансиска поддршка. На наше големо задоволство, само два месеци од објавување на Програмата за корпоративна иновативност го добивме првиот корпоративен партнер Тинкес. Нашиот ентузијазам го препознаа и од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка и Фактор траст -финансиско друштво за факторинг.
„Стартап херои“ е вистинска можност за малите стартап претпријатија кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ со потенцијал за пласман, преку предизвикот, да реализираат активности со кои ќе го подготват својот производ за успешен влез во малопродажба во маркетите на Тинекс. Сите наградени производи ќе се најдат на посебно обележани полици, на однапред дефинирани продажни локации на Тинекс и ќе добијат соодветна помош при изготвување на маркетинг кампања за промоција на производите. Соработката подразбира и вклучување на производите во интегрирана дигитална маркетинг комуникација на ланецот на маркети. Вкупниот буџет изнесува 7 милиони денари од кои ФИТР обезбедува шест а ИМЕ еден милион, со максимален износ по апликација од 600,000 денари. На повикот можат да аплицираат компании кои од своето основање до моментот на поднесување на апликацијата, не се постари од шест години. Предизвикот е отворен пред само недела дена и ќе трае до 25 мај и убеден сум дека во јуни ќе имаме да споделиме со јавноста нови вистински стартап херои, чии производи според планот треба да се појават во маркетите на Тинекс веќе во ноември.
Владата одлучи да се формира Национална стратегија за вештачка интелигенција а носител на проектот е ФИТР. Што практично значи тоа за компаниите и за индустријата генерално? Како таа стратегија може да биде дел од планот за економски развој и дел од националната развојна стратегија?
-На 21 април, Владата донесе одлука за формирање работна група за подготовка на Национална стратегија за вештачка интелигенција, a Фондот ќе обезбеди номинации за членови на работна група. Изготвувањето на Стратегијата произлегува од определбата за долгорочно стратешко планирање и на стратегијата треба да се гледа како дел од планот за економски развој на Република Северна Македонија и дел од Националната развојна стратегија 2021-2041. Иницијативата за креирање на Национална стратегија за вештачка интелигенција е со цел да се овозможи дигитална трансформација на целата индустрија, ќе им овозможи на компаниите да ги надминат предизвиците со кои се соочуваат и ќе создаде можности за развој на вештачката интелигенција од страна на компаниите.
ФИТР веќе поддржува шест такви компании. Според вашите сознанија, кои се нивните проблеми и предизвици при реализација на идеите и проектите? Има ли Македонија потенцијал да ги следи а потоа и применува ваквите иновации?
-Токму така. Во моментов ФИТР со 441,737 евра финансира 6 компании чии продукти се базирани на вештачка интелегенција – бројка на која треба сериозно сите да поработиме, земјаќи ја важноста на вештачката интелегенција во денешниот свет на иновации. За да бидеме во чекор со модерните трендови, мора макотрпно и брзо да работиме на имплементирање на глобалните трендови!
За нас како Фонд за иновации и Владата, особено е важна двонасочната комуникација од кои ги дознаваме реалните потреби на компаниите и во согласност со истите, креираме економски политики и можности, со цел да обезбедиме побрз развој на оваа иновативна индустрија. Тоа беше една од причините за панел дискусијата која ја организиравме на Светскиот ден на креативноста и иновативноста на 21 април. Од споделените искуства на учесниците, заедничкиот заклучок беше дека државата има голем потенцијал за развивање на проекти од областа на вештачка интелегенција но дека треба да се работи на поголемо кревање на свеста, поголем пристап до финансии и вмрежување со глобални пазари и можности.
ФИТР е редовен поддржувач на Стартап викенд Скопје, каде на едно место се среќаваат претприемачите, иноваторите, ентузијастите и креативците. Кое беше годинешното победничко бизнис решение и што ќе направи ФИТР за него?
-Десеттото јубилејно издание на Стартап викенд Скопје навистина донесе конструктивни дискусии, нови решенија и размена на искуства и контакти. ФИТР со задоволство го поддржува настанот и иновациите, и континуирано работиме на раст на бројот на стартапи, со што придонесуваме за развојот на македонскиот стартап екосистем. Овогодинешниот победник на Startup Weekend Skopje – Second Online Edition се Pick-a-Gift – онлајн шопинг платформа за подароци каде славеникот сам може да си го избере подарокот без да ги гледа цените. ФИТР ќе обезбеди карти за добро познатата конференција Podim за сите членови на победничкиот тим.
Пред еден месец ФИТР стартуваше јавен повик за дигитализација на земјоделството.Може ли да кажете каков е интересот за овој повик кај земјоделците? Дали агробизнисот во Македонија може да се модернизира и дигитализира или е сеуште рано да се говори за такво нешто?
-Дигитализација на земјоделството е од огромна важност, затоа што носи низа придобивки во однос на квалитетот, конкурентноста, намалените трошоци итн. Оние кои се занимаваат со земјоделство, знаат за каква предност станува збор кога производството е современо и се одвива во контролирани услови во текот на целата година. На јавниот повик добивме 39 иновативни предлог решенија. Обезбеден е вкупен буџет од шест милиони денари, и до крајот на мај очекуваме избрани решенија од Комисијата за оценување и избор составена од надворешен експерт од областа на предизвикот, експерт во областа на развој на бизнис и/или маркетинг и продажба, по еден претставник од партнерските институции и претставник на ФИТР.
К.В.С.