Не сум потпишала, ниту сум била консултирана, ниту имам информации кога е одобрено од министерството за животна средина, вака кандидатката за градоначалник на Скопје и поранешна министерка Ана Петровска ја демантираше објавата на Макрадули дека токму Петровска е една од авторките на студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот за Национален гасификационен систем во Република Македонија Делница 5 Скопје-Гостивар-Кичево (Гасоводот на Водно) од 2011 година.
Таа додаде дека била дел од соработниците во студијата, но не застанала позади неа.
-Гасоводот не требаше да помине, но не беше на мене јас да одлучувам или да го потпишам или соопштам, вели Петровска.
Според Макрадули, за таа траса, одобрена и препорачана од Петровска, дека не влијае штетно на природата, граѓанските организации реагирале, а во координирана акција на неколку владини институции во 2018-та година.
Невладините организации имаа увид во комплетната документација на проектот, затоа впрочем и учествуваа во процесот на измените кои се направија за намалување на влијанието врз животната средина (стеснувањето на трасата и промената на 4км од дел од трасата со што се избегна високостеблеста шума).
Со цел надоместување на штетата со исечени дрва, Владата донесе заклучоци со кои се предвидоа серија активности за рекултивација и пошумување на парк шума Водно, согласно предлозите на граѓанските здруженија.
Затоа Петровска не може да избега од нејзиното дело во 2011-та година, објави Макрадули на својот Фејсбук профил.