Петровска-Ендрусјак: Вежбата „Swift Rеsponse“ го покажа големиот потенцијал на „Криволак“

од Nikola Popovski
284 прегледи

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска во Министерството за одбрана остварија средба со заменикот командант на копнените сили на САД за Европа и Африка, генерал мајор Петер Ендрусјак.

Министерката Петровска најнапред на средбата изрази благодарност за присуството на генералот на досега најголемата вежба „Swift Response 22“ одржана во Република Северна Македонија и задоволство од денешниот приказ и реализација која се реализира на Армискиот полигон „Криволак“. Во тој контекст министерката рече дека ќе се продолжи со сериозни инвестиции на овој полигон кој ќе нуди можност за изведување и реализација на различни видови вежбовни активности и на кој може истовремено да се зајакнува интероперативноста помеѓу армиите.

„Продолжуваме со инвестиции во Криволак, во модернизација на опремата, но најважно инвестираме во човечките капацитети во нивна висока мотивација. Овие нешта се високо на агендата на Министерството за одбрана и на Генералштабот“, рече Петровска.

Петровска ја истакна улогата на САД како наш стратешки партнер, сојузник и пријател, преку разни иницијативи во одбраната, но и на севкупната политичка поддршка во поглед на членството во НАТО и ЕУ.

Министерката Петровска рече дека кон крајот на овој месец нашите две земји ќе го започнат Стратегискиот дијалог кој опфаќа широк спектар на теми и кој уште повеќе ќе го подигне нивото на соработка.

Генералот Ендрусјак упати благодарност за поканата и за тоа што денеска беше дел од оваа активност и упати честитки за начинот на кој беше планирана и изведена вежбата. Тој додаде дека сето она што се планира за одбраната во поглед на модернизацијата и инвестициите во капацитетите е од особена важност за војниците, а во поглед на АП „Криволак“ потенцира дека има огромен потенцијал.

Генералот Ѓурчиновски на средбата порача дека во последнава година и половина многу е направено во поглед на планирањето и реализацијата на вежбата, и е горд на успешното завршување на вежбата. Ѓурчиновски истакна дека Министерството и Генералштабот активно работат на приоритетите зацртани согласно плановите за да имаме модерна опрема и војници подготвени и способни да извршуваат НАТО предводени мисии.

Слични содржини