Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествуваше на затварањето на Регионалната школа за безбедност 2022, насловена „Хибридните закани и надворешни актери во време на воена агресија во Европа – импликации врз регионалната безбедност“, во организација на Универзитетот „Св. Климент Охридски”, Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Вилфред Мартенс Центарот за европски студии од Брисел.
Министерката во своето обраќање се осврна на неколку аспекти за справувањето со хибридните закани и предизвици, притоа истакнувајќи дека разбирањето и визијата за одбрана на општеството преку препознавањето на современиот спектар на закани е од исклучителна важност за нашата држава и треба да биде се поприсутно и посеопфатно.
Хибридните закани ја загрозуваат вербата во демократијата, ги слабеат институциите на земјата, креираат внатрешни конфликти и тензии, можат да создадат проблеми помеѓу соседите во некој регион и ја слабеат вербата во евроатланските вредности што ги застапуваат НАТО и ЕУ”, рече министерката.
Министерката истакна дека Северна Македонија со примена на сеопфатниот општествен пристап, ја разви Стратегијата за градење отпорност и спротивставување на хибридните закани.
„Наша цел е создавање заедничка свест за природата на хибридните закани, мапирање на обврските и носителите, идентификување на начините за делување, како и креирање ресурси за градење национална отпорност со ангажирање на целокупното општество”, посочи министерката.
“Како силен поборник против корупцијата и организираниот криминал можам слободно да кажам дека овие појави претставуваат сериозна хибридна закана во секоја земја, која се манифестира на повеќе нивоа и има огромни последици врз економијата, но и врз стабилноста на секоја држава. Затоа добиената битка против организираниот криминал, ќе биде добиена битка против хибридните закани” – вели Петровска.