Петровска-Валандер: Силно стратешко партнерство и сојузништво меѓу Северна Македонија и САД

од Radmila Tasevska
198 прегледи

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во рамки на Министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба се сретна со помошничката на секретарот за одбрана на САД, Селест Валандер со која разговараше за македонско-американската одбранбена соработка, заедничките обуки и вежби и за улогата на нашата држава во регионалната безбедност и стабилност.

Како што информира Министерството за одбрана, Петровска изрази задоволство од резултатот на состанокот на А5 иницијативата и отворените дискусии на сесиите кои, како што се наведува, уште еднаш ја потврдија решеноста на земјите – членки за соработка во одбраната и безбедноста, во справувањето со дезинформациите и хибридните закани и во поддршката за решавање на сите отворени прашања низ дијалог и соработка.

-Улогата на САД како покровител на иницијативата е од особено значење за нејзиниот успех, подвлече Петровска.

Во контекст на стратешкото партнерство и сојузништво меѓу Северна Македонија и САД, Петровска се заблагодари за поддршката на САД во развојот на капацитетите на одбраната.

– Посветени сме на нашето сојузништво и меѓусебната поддршка. Благодарни сме за сета досегашна американска поддршка во развојот на македонската Армија и особено во модернизацијата и опремувањето на вооружените сили. Северна Македонија обрнува посебно внимание на овој процес, со постојано зголемување на инвестициите во одбраната кои ќе продолжат и во 2024 година, рече министерката.

Петровска се осврна и на заедничките вежби за кои рече дека се најдобар начин да се изгради интероперабилност помеѓу сојузниците.

-Високо ја цениме секоја можност да вежбаме и да се обучуваме заедно зашто така учиме едни од други и едни за други. Овие вежби нè прават посилни и побезбедни, потенцираше Петровска, која го спомена и полигонот „Криволак“, како капацитет кој изминатите години ја покажа својата вредност како полигон за обука.

Министерката Петровска и помошничката на секретарот за одбрана на САД, Валандер разговараа и за предизвиците по глобалната безбедност, при што уште еднаш ја осудија руската агресија врз Украина.

Помошничката на секретарот за одбрана Валандер истакна дека САД ја ценат конструктивната улога на Северна Македонија за стабилноста на регионот и ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во развојот на одбранбените способности.

Слични содржини