Аферата „Тајни имоти“ опфаќа голем број на лица од кои зависат сложени процеси во државата и распределување на финансиски средства до граѓаните и фирмите, еден таков е Саша Максимовски, претседател на Комитетот за одобрување на инвестиции на ФИТР, и со работна позиција раководител на сектор во Владата на Република Македонија, кој не доставил анкетен лист до Антикорупциска комисија, а од она кое што ние го утврдивме на негово лично име има стан во населбата Карпош во Скопје, соопшти денеска Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ во врска со аферата „Тајни имоти“ што партијата ја обелодени во последните неколку дена.
Според него, анкетен лист не поднел и Теди Цоневски, член на Комитетот за одобрување на инвестиции во ФИТР. –
-Цоневски не го пријавил својот имот, кој според нашите истражувања се состои најмалку од еден стан во Горно Соње, еден стан во Кисела Вода и еден стан во Центар. Цоневски е основач и на фирмата ИНТРАТЕЛ СОФТ ДООЕЛ Скопје, која ја формирал во месец септември оваа година. А, покрај горе наведеното е и вработен во една голема телекомуникациска компанија.
Голем број на функционери кои имале неколку функции пред да ја извршуваат последната функција не го ажурирале својот анкетен лист и по скоро година дена. Таков е случајот со директорот на Инспекторатот за транспорт, Гајур Рушити, Ташко Дојчинов, државен правобранител за подрачјето на Гевгелија, и Васко Стефанов, директор во Пошта, вели Петрушевски.
Тој очекува премиерот Димитар Ковачевски сите овие споменати личности да ги разреши од нивните функции.
ВМРО-ДПМНЕ официјално се уште не поднело претставка до ДКСК во однос на овие обвинувања.