Пицула: Не е доволно да се санкционира само Путин, туку и неговите „чираци“ надвор од Русија

од Nikola Popovski
185 прегледи

Известувачот на Европскиот парламент за проширување на Западен Балкан, Тонино Пицула, рече дека претседателот на Република Српска, Милорад Додик, е главната пречка на европскиот пат на Босна и Херцеговина.

„Едно беше да се одбележи 9 јануари во претходните години, кога БиХ беше многу далеку од членството во ЕУ, а друго е да се направи еден месец откако Европскиот совет конечно ѝ даде на БиХ статус на земја кандидат“, рече хрватскиот европратеник за сараевски „Аваз“.

Пицула се залагаше за политички и финансиски санкции против претседателот на Република Српска.

„Бараме да се применат санкции за Милорад Додик на начин на кој тоа го направија САД и Велика Британија. Политички да се изолира и да не се зацврстува финансиски“, рече тој.

Пицула оцени дека Додик „многу добро би почувствувал финансиска изолација, како и Полјаците или Унгарците кои се внатрешно санкционирани во ЕУ поради отстапување од демократските стандарди“.

„Не е доволно да се санкционира само (рускиот претседател) Владимир Путин, туку подеднакво да се санкционираат и неговите чираци надвор од Русија“, истакна Пицула.

Тој рече и дека очекува Додик да ги блокира реформите и оти, како што наведе, „сигнализира наводната подготвеност Босна и Херцеговина да се придвижи кон ЕУ и прави се за таа да остане на своето место, бидејќи знае дека прифаќањето на европските стандарди ќе го оддалечи од политиката“.

Тој предупреди дека ЕУ, „комуницирајќи со Додик, комуницира и со Путин, но и со Србија и Унгарија“.

Тој оцени и дека Русија има интерес политички да ја дестабилизира БиХ, а потоа и целиот Западен Балкан и да го оддалечи од ЕУ.

„Тоа е нивниот примарен политички интерес. Додик смета на таков вид спонзорство, тој е врзан за такво влијание, а ЕУ мора да се погрижи да ја елиминира неговата поддршка од сопствените редови“, рече Пицула, посочувајќи на Унгарија.

Тој изјави дека се радува на брзото формирање на влада во БиХ, нагласувајќи дека БиХ има партнери и пријатели во голем број членки на ЕУ, а интересот на ЕУ е европска БиХ.

Слични содржини