Пиоли среќен што остана тренер на Милан

од Vladimir Zorba

Тренерот на Милан, Стефано Пиоли изјави дека е среќен што ќе биде во фудбалскиот клуб од „Сан Сиро“ и следната сезона.

Според италијанските медиуми, Пиоли изјавил дека бил известен во понеделникот дека неговиот договор ќе биде продолжен.

Се шпекулираше дека Ралф Рангник ќе го преземе тимот на крајот на сезоната, како тренер и спортски директор, но неговите менаџери синоќа најавија дека нема да преземе никаква работа во италијанскиот клуб.

„Јас сум среќен. Тоа го знаев со денови. Да добиеш шанса да водиш ваков престижен клуб од почеток, тим за кој знам дека е квалитетен и може да се развие. Многу сум среќен. Нашата иднина е сега и треба да се концентрираме на следните три натпревари, бидејќи има многу да се направи, ние сепак можеме да дадеме многу, а потоа од 3 август можеме да зборуваме за тоа што ќе се случи следно“, рече Пиоли за „Скај Италија“.

Тој изјави дека раководството на клубот е секогаш чесно со него.

„На состанокот, тие ми кажаа дека сè уште нема конечна одлука и дека изборот ќе се направи врз основа на проценката на резултатите на крајот на сезоната. Јас не реков туку така дека сме фокусирани само на сегашноста, тоа и го мислев. Ако не се вратевме во фудбалот по паузата, ова ќе беше сезона на жалење, бидејќи покажувавме знаци за тоа што можеме дури и пред паузата. Бидејќи првенството продолжи, ние сме трети на табелата во однос на бројот на поени од тогаш и во истата ситуација како Аталанта“, изјави Пиоли.

Милан оствари добри резултати уште од почетокот на првенството, искачувајќи се на петтото место на табелата со 59 бода, позиција која води во Лигата на Европа.

Се шпекулира дека доаѓањето на Рангник го турка извршниот директор Иван Газидис, а дека Паоло Малдини и Фредерик Масара се за Пиоли да остане.

„Скај Италија“ објави дека Пиоли има и други понуди, па дури и кога беше сигурно дека Рангник ќе го преземе тимот, Италијанецот ги одбил сите понуди и ја чекал одлуката на Милан.

„Го сакав ова. Сакав и се надевав. Јас сум многу, многу среќен“, рече Пиоли.

Договорот со Пиоли беше продолжен до јуни 2022 година.

Слични содржини