Коментарите на Пирс Морган за интервјуто на принцот Хари и Меган Маркл со Опра Винфри, поради што тој поднесе оставка од позицијата водител на утринската програма „Добро утро, Британија“, не беа во спротивност со прописите на радиодифузната агенција „Офком“.
Шоуто не го прекрши кодот за емитување поради коментари за интервјуто на војводата и војвотката од Сасекс, пресуди „Офком“.
„Воодушевен сум што “Офком“ го поддржа моето право да не верувам во воспалителните тврдења на војводата и војвотката од Сасекс, од кои многумина се покажаа како невистинити. Ова е огромна победа за слободата на говорот и голем пораз за принцезата Пинокио. Дали ќе си ја добијам работата назад?“, изјави Морган пред локалните медиуми.
Портпаролот на „Офком“ рече дека „ослободувањето“ на Морган е добро избалансирана одлука.
„Коментарите на г -дин Морган беа потенцијално штетни и навредливи за гледачите, и ние ја препознаваме силната реакција на јавноста кон нив. Но, исто така, целосно ја зедовме предвид слободата на изразување“ се вели во неа.
Понатаму се наведува дека според правилата на „Офком“, радиодифузерите може да имаат контроверзни мислења како дел од легитимна дебата од јавен интерес и како Морган им обезбедил „важен контекст на гледачите“, иако се разликуваат од ставовите и мислењата на неговите колеги.
„Како и да е, ја потсетивме телевизиската мрежа ИТВ да се грижи за содржини што зборуваат за ментално здравје и самоубиство во иднина. ИТВ може да размисли да користи навремени предупредувања или да означи услуги за поддршка за да обезбеди соодветна заштита на гледачите“, заклучи портпаролот на „Офком“.