Писмо од француски војници: „Се подготвува граѓанска војна, опстанокот на нашата земја е во прашање“

од Vladimir Zorba
422 прегледи

Во Франција е објавено ново отворено писмо во кое се предупредува на закана од граѓанска војна, кое, наводно, го потпишале повеќе од 130.000 луѓе. Писмото објавено во десничарско списание ја обвинува француската влада дека прави отстапки за исламизмот, пишува Би-Би-Си.

„Станува збор за опстанокот на нашата земја“, се вели во текстот, кој наводно бил објавен анонимно од војници, апелирајќи за јавна поддршка.

Француската влада го осуди ова, и го стори истото во случајот на писмото што се појави минатиот месец во кое група пензионирани генерали повикуваат на „одбрана на Франција“ од исламизмот.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин го нарече последното писмо „груб маневар“ и ги нарече анонимните потписници „кукавици“.

Писмо што владата го доби минатиот месец, дојде од полу-пензионирани генерали. Француската министерка за вооружени сили, Флоренс Парли, рече дека ќе бидат казнети за кршење на законот што спречува резервисти и воен персонал јавно да ги искажат своите ставови за религијата и политиката. Таа истакна дека војската треба да почитува два принципа: лојалност и неутралност.

Сепак, крајно десничарската лидерка Марин Ле Пен, кандидат на претседателските избори следната година во Франција, поддржа околу 1.000 војници кои го поддржаа априлското писмо.

Новиот текст беше објавен во неделата во списанието „Valeurs Actuelles“, но засега е непознат бројот на луѓе што го потпишале, како и чиновите на војниците кои го потпишале, а кои, наводно, се активни припадници на војската.

Авторите на писмото се опишани како дел од помладата генерација војници кои служеле во Авганистан, Мали и Централноафриканската Република или учествувале во домашни антитерористички операции.

„Некои од нас загубија свои соборци. Оние кои ги дадоа своите животи за да го уништат исламизмот на кој сега правите отстапки во нашата земја. Видовме со свои очи напуштени предградија, соработка со криминалци. Гледаме насилство во нашите градови и села … Гледаме омраза кон Франција и нејзината историја, како тоа станува нормално … Без реакција оставате цели населби на милост и немилост на законот на посилниот … Да, ако започне граѓанска војна, нашата армија ќе обезбеди ред на нашата територија затоа што од неа тоа ќе се бара … Никој не повикува на таква страшна ситуација, нашите претпоставени не се ништо повеќе од нас, но, да повториме, во Франција се подготвува граѓанска војна и вие сте совршено свесни за тоа … Опстанокот на нашата земја е во прашање“, рекоа тие.

Новото писмо ја критикува француската влада за нејзиниот одговор на „постарите генерали“ кои го потпишаа писмото од минатиот месец: „Дали тие се бореа за да и дозволите на Франција да стане пропадната држава“

Писмото во голема мерка беше критички кон Макрон затоа што го осуди првото писмо како глупост. За Макрон се вели дека гази по честа на старите војници. Прашањето за редот и мирот е доминантно во предизборната трка во Франција во најголем дел поради двете убиства што ја тресеа француската јавност во последните неколку недели. Станува збор за полицаец кој бил убиен од дилер на дрога и офицер кој бил убиен од исламски екстремист.

Сето ова помогна во промена на јавното мислење во корист на десничарската агенда. Самата влада беше изненадена од резултатите од анкетата што покажа силна поддршка за генералите по нивното истапување во јавноста. Имено, 58 проценти од испитаниците изјавиле дека ја поддржуваат нивната постапка, а дури 73 проценти сметаат дека земјата е пред распаѓање.

Франција неодамна предложи контроверзен закон кој се однесува на, како што рече претседателот Емануел Макрон, „исламистички сепаратизам“. Сепак, некои критичари, и во Франција и во странство, ја обвинија владата за неправедно насочување кон исламот.

Слични содржини