Питер Датон го призна поразот на австралиските избори, Албанезе го освои вториот мандат

од Љубиша Владимиров
14 прегледи

Австралискиот опозициски лидер, Питер Датон, го призна поразот на денешните општи избори, на кои победата ја однесе Лабуристичката партија, а премиерот Ентони Албанезе го освои вториот мандат. Датон, кој го претставуваше округот Диксон во Парламентот, го изгуби своето место по 24 години. На негово место ќе биде избран колегата од неговата партија, Али Франс, јавува „Скај њуз Австралија“.

„Не е наша вечер, како што истакнав. Има добри членови и кандидати кои ги изгубија своите места, а ми е жал за тоа“, изјави Датон. Тој додаде дека неговата кампања „не била доволно добра“ и му честитал на Албанезе за победата. Според „Ројтерс“, Датон го призна поразот и ја поздрави победата на Албанезе, кому му се јавил лично.

Гласањето во Австралија заврши во 18:00 часот по локално време, а на изборите гласаа околу 18 милиони луѓе. Во телевизиска изјава од Мелбурн, премиерот Албанезе рече дека неговата левичарска влада „изградила силни темели“ и најави дека ќе го подобри пристапот до домување и ќе го зајакне здравствениот систем во својот втор мандат.

Лабуристичката партија, според проекциите на Австралиската изборна комисија, ќе освои 70 места, додека опозициската коалиција на либералите и националистите се очекува да освои 24 места во Претставничкиот дом, каде што партиите треба да обезбедат мнозинство за формирање на влада. Независните кандидати и помалите партии ќе освојат 13 места.

Албанезе станува првиот премиер на Австралија кој освоил два последователни мандати за 21 година, а изборите ја потврдуваат неговата позиција на власт, фокусирајќи се на притисоците врз трошоците за живот и други клучни прашања.

Слични содржини