Пленковиќ: Хрватска во Еврозоната и Шенген до 2024 година

од Vladimir Zorba
267 прегледи

Во интервју за Политико во понеделникот, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ рече дека е „разумно“ да се очекува Хрватска да влезе во еврозоната и во Шенген зоната до втората половина на 2024 година.

„Идејата е да се постигнат обете, да се влезе во Шенген и еврозоната, до крајот на мандатот на оваа влада, односно до втората половина на 2024 година“, рече Пленковиќ за „Политико“ за време на посетата на Брисел во петокот.

Тој додаде дека тоа е тешка задача, но и разумен рок, пренесе „Хина“.

Европската комисија во 2019 година објави дека Хрватска ги исполнила сите технички услови за влез во Шенген-зоната, но сепак мора да биде прифатена од членките, нешто што Романија и Бугарија чекаат со години.

Во средината на минатата година, Хрватска се приклучи на Европскиот механизам за девизен курс (ЕРМ II), што е клучен чекор кон членството во еврозоната.

Премиерот Пленковиќ посочи дека поради кризата со короната, од членките на еврозоната може да се очекува да продолжат со суспендирање на нивните правила за фискална дисциплина, но дека земјите кои сакаат да се приклучат на економскиот простор не можат да се потпрат на ваквите „трикови за самопомош“.

Тој изрази жалење што Хрватска мораше да се откаже од консолидацијата и стабилизацијата на јавните финансии поради економската штета предизвикана од вирусот.

Заклучи дека неговата влада ќе има две цели во иднина: користење на Европскиот фонд за закрепнување, европскиот буџет и приватните инвестиции за генерирање раст и враќање во рамката од 2017 до 2019 година кога беше постигнат вишок на државен буџет.

Пленковиќ верува дека Хрватска ќе ги добие првите средства од Европскиот фонд за закрепнување дури во 2022 година.

„Процесот е комплициран“, рече Пленковиќ.

„Кога не се „пари од хеликоптер“, тоа е многу тешко и сложено. Потребен ви е план, проект, сертификат, тендер, имплементација, документација. Ако се случи побрзо, со задоволство ќе ги потрошиме тие пари, но ако сме „реални“, парите нема да пристигнат дури следната година“, заклучи премиерот.

Слични содржини