Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска од Прага изјави дека видел „невидени и бурни реакции“ од Србија, која ја обвинува Хрватска дека е одговорна што Западен Балкан не е изземен од ембаргото на ЕУ за увоз на руска нафта, пренесува „Kosovoonline“.
– Очигледно сум главен усташ таму во последните три месеци. Србија не може да седи на две столчиња – изјави Пленковиќ во Прага, во пресрет на почетокот на самитот на Европската политичка заедница.
Тој рече дека Србија може да добие каква сака нафта, само не руска нафта.
– Србија може да ја има сета нафта што и треба – освен руската нафта. Да беше економијата на колена, да немаа граѓаните бензин, тоа е друга работа, но Србија да има поевтина нафта, а ние… што ќе бидеме ние, будали – рече претседателот на хрватската влада, пренесува „N1 Zagreb“.
Како што истакнува Пленковиќ, првпат доживеал да биде наречен „усташ“, додавајќи дека тоа е реторика над сите граници и над секој разум.
-Србија нема да биде загрозена – изјави Пленковиќ пред средбата на која присуствуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој рече дека и самата Хрватска се пофали дека е благодарна што Западен Балкан не е изземен од ембаргото на ЕУ за увоз на руска нафта.
-Повторувам, Хрватска само си ја вршеше работата што ја работи од 41-ва година. Хрватска само си ја работи својата работа, сето она што го правеше во изминатите 70, 80 години. Воопшто не ги обвинувам – рече претседателот на Србија расправајќи се со новинарите од Хрватска во Прага.