Пленковиќ го смени министерот за економија Давор Филиповиќ

од Radmila Tasevska
200 прегледи

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска го смени министерот за економија Давор Филиповиќ oткако неговиот специјален советник на локалната телевизија Мрежа ТВ нудел закуп на огласен простор од голем број државни фирми и институции во замена за пари.

Транскриптот од разговорот на специјалниот советник Јурица Ловринчевиќ со новинар од Мрежа ТВ го објави во најновиот број хрватскиот неделник „Национал“. Канцеларијата за борба против корупција и криминал (Ускок) соопшти дека спроведува истрага.

„По повод бројните новинарски прашања поврзани со постапувањето врз основа на текстот објавен во денешен „Национал“, во кој се изнесени сомневања за извршување коруптивни кривични дела, го потврдуваме спроведувањето на истрагата за предметниот случај“, објави Канцеларијата за борба против корупција и криминал.

Оттаму изјавија дека по добивањето на потребните податоци и согледувањето на сите релевантни околности, навремено ќе ја информираат јавноста за понатамошно постапување.

Со смената на Филиповиќ и Ловринчевиќ престанува да биде специјален советник на министерот за економија. По објавувањето на транскриптот, Ловринчевиќ негираше дека изнудувал пари од ТВ Мрежа.

„Никогаш – баш никогаш во текот на својата кариера не сум земал ниту сум имал потреба да побарам или земам провизија, мито, „коверт“…Тој што го тврди спротивното – лаже“, напиша денеска Ловринчевиќ на Линкедин.

Слични содржини