Плевнелиев: останува наративот проектиран од времето на Тито дека сме „татари, фашисти и окупатори“

259 прегледи

„Сите оние решенија кои ќе бидат донесени во текот на оваа недела во Софија, Скопје, Берлин и Брисел, секако дека ќе го променат правецот на развој, со оглед на тоа дека Бугарија носи голема одговорност за она што се случува во регионот и тоа кажува дека се наоѓаме во историски момент“, вели Росен Пелвнелиев во својата анализа за софиски „24 часа“.

„Многу добро ги паметам темните години на режимот на Груевски, и затоа премиерот Заев за мене е светлина во тунелот, надеж за подобра иднина и му посакувам успех. Но, зад секој успех стои правилен план и пристап како да успееш“, вели Плевнелиев.

Исто така, тој вели дека политичкото раководство на Скопје направило погрешен чекор и историска грешка пред 25 години, кога донело одлука да се пресмета со Грција, како земја членка на ЕУ и НАТО, заборавајќи дека основни принципи на тие организации се консензус, компромис и добрососедски односи.

Плевнелиев, вели дека ако тогаш бил избран компромис и соработка со Грција, Република Северна Македонија ќе се присоеднела кон ЕУ заедно со Бугарија, Романија или Хрватска, ако не и пред нив.

„Лидерите на земјата денес се исправени пред истата дилема – да се конфронтираат или да соработуваат со Бугарија, земја-членка на ЕУ и НАТО“, смета Плевнелиев.

Тој посочува во својата анализа дека раководството во Скопје не треба да очекува затоа што Бугарија „ќе се откаже од богатата историја под меѓународен пристисок“.

„Не е добар план премиерот Заев да продолжува да настојува за македонско малцинство во Бугарија, бидејќи тоа никогаш не постоело. Во Скопје се загрижени дека Бугарија нема да го признае нивниот идентитет и јазик. Тоа не е вистина“, истакна екс бугарскиот претседател.

Меѓудругото, наведува и дека во Бугарија владее „длабока разочараност“ затоа што Договорот за добрососедство не ги дава очекуваните резултати.

„Нема променет однос кон историјата, нема промена во учебниците, видлив е говорот на омраза кон граѓаните со бугарско потекло и останува наративот проектиран од времето на Тито дека сме „татари, фашисти и окупатори“, истакна Плевнелиев, потенцирајќи дека она што го сака Бугарија е навистина да почне да се применува Договорот и да даде резултати.

Според поранешниот бугарски претседател, постои добро и лошо сценарио во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.

„Лошото сценарио е ако Скопје реши дека добитната стратегија е да продолжи да се претставува како жртва на Грција во минатото, а денес на Бугарија. Ќе организираат кампањи, ќе лобираат, како што правеа во последните 30 години, но ќе загубат драгоцено време за неопходните длабоки реформи. Тој статус кво ќе биде во интерес само на Србија и Русија, кои продолжуваат да поттикнуваат антибугарски чувства и да отцртуваат линии на поделба во Република Северна Македонија. За разлика од Скопје, Тирана ќе продолжи со реформите. Ако Северна Македонија задоцни премногу во споредба со Албанија во процесот на интеграција кон ЕУ, тоа може да предизвика голем проблем, кој дури може да го доведе во прашање нејзиниот територијален интегритет, што ќе биде недозволиво за демократскиот свет“, процени Плевнелиев.

Смета дека сега не смее да се пропушти моментот за решавање на недоразбирањата меѓу Скопје и Софија, бидејќи следната година може биде потешка затоа што „има веројатност во Бугарија да има нова влада од леви и десни популисти под шапката на претседателот популист Радев, кој веќе и јавно повикува процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ да биде запрен, се додека не биде постигнато јасен обрзувачки билатрален договор меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за расчистување на сите билатерални прашања.

Од поинаков агол, Плевнелиев вели дека „доброто сценарио“ би било властите во Скопје да започнат „длабоки реформи, насекаде воведувајќи европски вредности и принципи – во политиката на земјата, во институциите, во учебниците, во тајните служби, во општеството, во пристапот кон историјата“.

Според него, ако земјава сака да се присоедини во ЕУ треба да воспостави владеење на правото и почитување на човечките права и правата на малцинствата, вклучително и „на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарско потекло“, како и да работи на спроведување на Договорот со Бугарија и на поврзување на двете земји, преку реализација на проектот за Коридорот 8.

„Вистината за историјата, а не за манипулираната историја, е здрава основа за изградба на следни поколенија граѓани на Република Северна Македониа и таа треба да влезе во нивните учебници наскоро, ако не веднаш“, додава Плевнелиев во анализиата.

Во својата анализа додава и дека во заедничката Комисија за историски и образовни прашања теба да бидат вклучени признати историчари од Европа, со цела таа да почне побрзо да дава објективни резултати, додавајќи дека Софија сепак треба да има повеќе трпение.

„Софија треба да сфати дека позитивните резултати нема да дојдат веднаш, но ако ги добие соодветните гранции ќе треба да даде шанса. Ако Република Северна Македонија биде запрена или драстично забавена на патот на европската интеграција, тоа ќе им служи целосно на интересите на Србија, Русија, Турција и другите, и ќе ја ризикува кревката стабилност на Балканот. Со тоа Бугарија ризикува да не биде сфатена во ЕУ и НАТО и повторно да се најде на погрешната страна на геополитичката шаховска табла, со тешки последици за неа“, предупреди Плевнелиев.

На крајот додава дека Бугарија има стратегиски интерес за мир и стабилност во нејзиното опкружување, вклучително и во Република Северна Макеоднија, што ќе биде можно само ако земјава „целосно се интегрира во ЕУ, колку побрзо, толку подобро.

Слични содржини