„Scary Movie“ се враќа на големото платно. Имено, Paramount и Miramax прават продолжение на филмот, чие снимање очекуваат да започне наесен, пишува The Hollywood Reporter.
Култната пародија на хорор жанрот првпат беше објавена во 2000 година, само неколку години откако Scream и I Know What You Did Last Summer доминираа во жанрот. Во режија на Кинен Ајвори Вејанс, филмот заработи 278 милиони долари ширум светот, а главните улоги ги толкуваа Ана Фарис и Реџина Хол. Филмот имаше четири продолженија, а последното во режија на Малком Д.Ли излезе во 2013 година.
„Scary Movie“ го пародираше хоророт во сите негови продолженија, а од објавувањето на последниот дел, жанрот се развиваше и достигна нови височини, станувајќи еден од ретките што континуирано ја привлекува публиката во кината. Новото продолжение доаѓа само неколку години откако Scream 2022 вдахна нов живот во франшизата. Со други зборови, има многу нови материјали со кои „Scary Movie“ може да се потсмева.
Засега нема информации дали оригиналните ѕвезди на филмот ќе играат во новото продолжение или ќе има комплетно нова актерска екипа, а иако од Paramount не го открија датумот на прикажување на филмот, се очекува тој да пристигне во кината во 2025 година.