Двајца Етиопијани, осудени за воени злосторства, можат да ја напуштат италијанската амбасада каде најдоа прибежиште во претходните 30 години, објави Си-Ен-Ен.
Берхан Бајех и Адис Тедла, двајца високи функционери на поранешниот Менгисту режим, кои беа осудени на смрт за воени злосторства, добија условна слобода, изјави дипломатски извор кој бил информиран за целиот случај.
Бајех и Тедла во отсуство беа осудени на смрт во 2008 година, заедно со поранешниот диктатор Менгисту Хаиле Маријам, за учество во тортура и убиство на илјадници луѓе, што се смета за геноцид, додаде Си-Ен-Ен.
Претседателот на Етиопија, Сахле-Ворк Зевде, ги измени нивните смртни казни на доживотен затвор на 19 декември, а потоа Федералниот суд изгласа два спрема еден за доделување на условната слобода на 24 декември, откако државниот обвинител Гедион Тимотевос побара помилување поради возраста на осудените лица.
Со нив биле уште двајца поранешни припадници на режимот – Тесфај Гебре Кидан и Хајл Џимену – Џимену се самоубил неколку години откако влегол во амбасадата, а Кидан загинал во несреќа.