Федералното биро за истраги (ФБИ) потврди дека по 51 година пораката на убиецот наречен „Зодијак“ е дешифрирана, а неговата порака од 340 карактери ја толкувал тим од три аматерски кодери, пренесува Си-Ен-Ен.
Убиецот, кој никогаш не беше фатен, уби пет лица, прободувајќи и пукајќи во нив, со што го тероризираше Заливот Сан Франциско во 60-тите години на минатиот век, а пораката што е дешифрирана е една од неколкуте испратени до медиумите во тој период.
Она што беше напишано го дешифрирале тројца луѓе, веб-дизајнер од САД – Дејвид Оранчак, австралиски математичар Сем Блејк и белгиецот Јарл Ван Ејке, инженер за софтвер што пробива кодови.
„Се надевам дека ќе се забавувате додека се обидувате да ме фатите. Не се плашам од гасната комора, бидејќи таа ќе ме испрати во рајот, што е можно поскоро, затоа што сега имам доволно робови да работат за мене“, се вели во пораката, во која нема индикации за идентитетот на убиецот.
Триото ги достави своите резултати до ФБИ пред седум дена, но тие не го открија ова сè додека Бирото не ја потврди неговата автентичност.