По битката за фотељата, Митрески контра актуелното раководство на ССМ

од Илинка Илиоска
75 прегледи

По натегање и расправија кој  треба да одржи прес-конференција и зошто актуелниот претседател на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов е воопшто присутен на местото,  Живко Митрески, поранешениот претседател на ССМ зборуваше за барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на платите.

– Да упатам јавна критика во делот на однесувањето на г. Трендафилов и замајувањето на јавноста за зголемувањето на платите. Ние како чесни синдикалци ќе бараме зголемување на платите и ќе бараме врз основа со легитимните синдикати да направиме реален социјален дијалог со кој ќе утврдиме зголемување на платите на начин како што е утврдено во нашето законодавство, а не повикување на нешто што е спротивно на сите стандарди, рече Митрески.

Тврди дека е нелегитимно сменет од функцијата со решение потпишано од поранешната министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски.

– Пристигнато е најново барање од страна на ЕУ до претседателот на Владата на Република Македонија, исто така и до министерот за економија и труд со кои бараат елиминирање на сите решенија, посебно на решението на госпоѓата Ременска со кој нелегитимно бев променет од позицијата претседател на ССМ, изјави Митрески.

Актуелниот претседател на ССМ, пак, во изјава за медиумите рече дека остануваат на барањето за зголемување на платите.

– Мене ми е многу жал што претседателот Митревски се уште живее како да е 2017 година, 11 август, кога бил променет од функцијата. Од тогаш до денеска се поминати повеќе од шест години. Ние како ССМ остануваме на ставот дека платите во Македонија мора да се зголемат. Политичките памфлети, политичките напади врз претседател на ССМ, врз ССМ како организација, врз работниците ги отфрламе и сметаме дека се крајно несериозни особено поради тоа што ССМ е единствениот репрезентативен партнер во оваа држава на работодавачите и на владата и особено поради тоа што во изминатиот период успеавме да покажеме дека не само со социјален дијалог туку и со штрајкови и со преговори и со блокади ќе успееме да го направиме тоа што го правиме најдобро за работниците, а тоа е зголемување на нивните плати, изјави Трендафилов.

Тој додаде дека му е жал затоа што Митрески бил заинтересиран само за фотељата, а не слушнале дали бара поголеми плати за работниците

-Ми е жал што работниците немаа можност да слушнат ништо друго освен фотељата, фотеља, фотељата, фотељата и ја симнавме долу да му ја дадеме фотељата. Не слушнавме дали ќе потпише нешто за да направи за работниците . тоа што знаеме е дека потпишува договори со политички партии од кои очекува да го постават на функцијата, нагласи Трендафилов.

Слични содржини