Европската Унија ги олеснува процедурите во рударството и бара да се истражуваат геолошките ресурси. Целта на Брисел е да се реализира зацртаната зелена агенда, а за тоа да се случи неопходни се минерални суровини. ЕУ веќе изготви и листа на критични минерални суровини, за кои не сака да биде премногу зависна од трети страни, како Кина и Русија. Законот за критичните минерални суровини на Унијата се очекува да стапи во сила во првата половина од 2024 година. На листата на критични суровини се најдоа 16 руди. Една од целите во новиот закон е ниту една трета страна да не ја обезбедува ЕУ со повеќе од 65% од која било стратешка суровина, вклучувајќи кобалт, бакар, магнезиум и титаниум.
„ЕУ треба да ги ублажи ризиците кон синџирите на снабдување, поврзани со евентуална стратешка зависност и да ја подобри економската отпорност, особено по пандемијата на ковид-19 и енергетската криза по руската инвазија на Украина“, се наведува во образложението на Законот.
Главните насоки кои треба да се постигнат до 2030 година се експлоатација на најмалку 10% од конкретната суровина во однос на годишната потрошувачка на ниво на ЕУ, потоа обработка на најмалку 40% од годишната потрошувачка на ЕУ и рециклирање на најмалку 15% од годишната потрошувачка на ЕУ. За ова да се оствари законот ги намалува административните бариери за инвеститорите во рударството.
„Се поедноставуваат процедурите за издавање дозволи за проекти со суровини во рамки на ЕУ. Покрај тоа, избрани стратешки проекти ќе имаат финансиска поддршка и кратење на временските рамки за издавање дозволи (24 месеци за дозволи за екстракција и 12 месеци за обработка и дозволи за рециклирање). Земјите-членки исто така ќе треба да развијат национални програми за истражување на геолошките ресурси“, се додава во предложениот текст.
Повеќе на следниот линк!