По големиот пожар кој го зафати ТЦ „Глобал“, кој се случи пред два месеци, денеска почна да работи делот од Градскиот пазар, кој пак беше поштеден од пожарот.
Според Стојан Манев од Здружението „Обнова Глобал“, работат две третини од објектот.
„Половина од Градскиот пазар денеска почна со работа, како и сите продавници од приземје до четрти кат од десната страна на главниот влез кои беа помалку зафатени од пожарот. Саниран е и покривот, а до крајот на неделата очекуваме да завршат работите во делот кој беше најмногу опожарен. Таму е поставена електричната инсталација, се поставуваат плочки, а ќе бидат поставени и излози на продавниците од внатрешната страна“, посочи Манев.
Манев меѓудругото посочи и дека се задоволни од работата на оние кои ги изведуваат работите, но не се задоволни пак, од динамиката на санирањето на штетите и обновата на „Глобал“.
Според информациите од претседателот на Општинската комисија за проценки на штети од елементарни и други непогоди, Ацо Ѓоргиев, тече поднесувањето барања од страна на сопствениците на тезги и продавници и досега се поднесени вкупно 59 апликации, од кои 44 се од правни субјекти и 15 од физички. Оттаму апелираат до граѓаните до крајот на неделата да ги поднесат барањата за да може да се постапува по нив.
Општинската комисија ќе ги сублимира барањата за отштета во заеднички извештај за штетата, кој ќе го достави до Советот на општина Струмица и по неговото усвојување ќе биде доставен до Републичката комисија за проценка на штети.
Во пожарот, кој избувна ноќта на 2 јануари, беше опожарена една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот и третиот, а се урна и покривот.