По големите критики, Instagram сепак се откажа од некои од најавените промени

од Vladimir Zorba
236 прегледи

По првичните критики за најавените промени на оваа мрежа, Instagram коментираше дека живееме во свет во кој промените се брзи и треба да се прилагодиме на овие промени, но вчера сепак решија да направат чекор назад и да ги слушаат (незадоволните) корисници. Да потсетиме, некои корисници на Instagram, меѓу кои и некои од најпопуларните инфлуенсери како Кајли Џенер и Ким Кардашијан, ги критикуваа промените кои ги најави компанијата и со кои оваа мрежа се повеќе наликува на TikTok.

Најпроблематични беа промените во алгоритмот, па Instagram стана преплавен со препорачани видео објави на луѓе кои корисниците не ги познаваат, а не им се допадна прикажувањето на објавите на цел екран.

Шефот на Instagram, Адам Мосери, смета дека е добро што ризикувале кога воведувале нови промени, бидејќи ако понекогаш не грешат, тоа значи дека не размислуваат доволно широко и не се подготвени да ризикуваат. Но, дефинитивно мораме да направиме чекор назад и да се прегрупираме, рече тој во коментар за американските медиуми и додаде дека научиле многу и ќе се вратат со нови идеи и подобрувања на постоечките идеи.

Во официјалното соопштение за печатот, Instagram објави дека го паузира тестирањето на содржината на цел екран со цел да „истражи другите опции“ и привремено ќе го намали бројот на препораки за содржина на „фидот“ на корисникот со цел „да го подобри корисничкото искуство“. Instagram, значи, не ги вратил работите на старо, туку се согласиле на одреден компромис за привремено да ги смират корисниците.

Ќе биде интересно да се следат нивните следни потези – дали ќе размислуваат „надвор од кутијата“ на TikTok и ќе им претстават нешто ново и оригинално на корисниците или на крајот, кога корисниците ќе се навикнат на првите промени, ќе го променат алгоритмот и ќе го зголемат износот на препорачаните содржини и видеа од непознати лица, без премногу најави.

Слични содржини