Американскиот претседател Џо Бајден бил негативен на Ковид-19 откако бил информиран дека вработен во Белата куќа кој во петокот поминал околу 30 минути во негова близина во претседателскиот авион „Ер Форс 1“ бил позитивен во понеделник наутро, соопшти Белата куќа.
Резултатот од ПЦР тестот што Бајден го доби во понеделникот, откако беше информиран за случајот, беше негативен, како и тестот за антиген што го направи во неделата како дел од редовното тестирање, рече портпаролката на Белата куќа Џен Псаки во изјава, пренесе Ројтерс.
Бидејќи упатствата на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) не бараат целосно вакцинираните лица да бидат ставени во карантин по изложувањето, Псаки рече дека Бајден (79) ќе продолжи со „неговиот дневен распоред“.
Вработен во Белата куќа „помина приближно 30 минути во близина на претседателот на летот на „Ер Форс Уан“ во петокот, на пат од Оринџ, Јужна Каролина, до Филаделфија“, рече Псаки.
Тој член на персоналот бил целосно вакциниран, добил бустер доза и имал негативен тест пред да се качи на авионот, рече Псаки, додавајќи дека немал никакви симптоми до недела.
Портпаролката не идентификуваше за кој член на персоналот се работи, но рече дека нема редовен контакт со Бајден.
„Другите кои биле на тој лет и кои биле во близок контакт со заразените се контактирани и ќе им се советува да се тестираат“, додаде Псаки.