Отцепениот грузиски регион Јужна Осетија објави дека планира референдум како во Крим за пристапување кон Русија, што дополнително може да ги влоши односите меѓу Кремљ и Западот, пишува Ројтерс.
Претседателот на Јужна Осетија Леонид Тибилов рече дека во понеделникот ги изложил своите планови за време на состанокот со Владислав Сурков – еден од најблиските советници на рускиот претседател Владимир Путин.
“Денешната политичка реалност е таква што ние треба да направиме историски избор и да се обединиме со братска Русија, за да може да се обезбеди безбедност и успех на нашата република и народ за многу векови напред”, истакна Тибилов во соопштението по средбата објавено од Прес секретарот на претседателот.
“Референдумот, кој ќе има позитивен резултат, за кој немам сомнеж, ќе ни овозможи да ги обединиме народите”, додаде тој, но не соопшти датумот на референдумот.
Според него со Кремљ ќе биде договорено како да се продолжи по референдумот.
Во 2008 година Јужна Осетија и Абхазија се отцепија од Грузија по кратката војна меѓу Тбилиси и Москва. Русија ги призна двата региони како независни држави.
Со сличен референдум минатата година украинската автономна република Крим се приклучи на Русија.
Јужна Осетија, главно земјоделски регион со околу 50 илјади луѓе, веќе речиси е интегрирана во Русија. Отцепениот од Грузија регион користи руска рубља, прифатил руска воена база и буџетот им е е зависен од Москва.
Претходно оваа година Русија и Јужна Осетија потпишаа договор за интегрирање на безбедносните сили и на армијата.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков ги коментираше плановите за референдум, нагласувајќи дека Москва е свесна за желбата за поблиска интеграција на Јужна Осетија со Русија.
“Јужна Осетија има независно влада, призната од Руската Федерација, со што имаме дипломатски односи”, појасни тој.
