На 18-ти март во сабота, Охрид ќе биде домаќин на нова трилатерална средба на српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти и еврокомесарот за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел. Европската унија и Соединетите Американски Држави очекуваат на тој ден да биде потпишан и да почне да се спроведува важниот договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Македонија веќе неколку пати во изминатите години беше место на кое се решија важни прашања во однос на регионот. Кумановскиот, Охридскиот, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство и пријателство веќе се потпишани во нашата држава.
Во однос на тоа колку и зошто Македонија е важна, поразговаравме со поранешниот амбасадор и министер, Марјан Ѓорчев. Тој во разговор за „Локално“ вели дека доколку има договор меѓу Косово и Србија, Западен Балкан дури тогаш ќе чекори кон ЕУ.
-Македонија, Црна Гора и БиХ исто така се зависни од решавањето на ова прашање. Очигледно е дека ние како Западен Балкан имаме заедничка перспектива во членство во ЕУ. Од нашето искуство, гледаме дека Унијата го преферира тој колективен пристап и чинам дека тоа што се наметнува како разрешување на горчливото прашање помеѓу Србија и Косово. Очекувам да има позитивен импакт врз сите земји од регионот. Во секој случај оптимист дека и ние како држава ќе има бенефит ако се постигне договор, порачува Ѓорчев.
Според него, Македонија во ситуацијава е како „посредник“ и на наше тло се потпишани неколку битни договори бидејќи „од цел Западен Балкан, најдалеку е отидена во решавање на тие меѓуетнички проблеми и конфликти“.
-Се што се случуваше меѓу Србија и Косово и војната во 1999 година, предизвика голем број бегалци во Македонија. Ние бевме директни учесници во хуманитарната интервенција во згрижувањето на тие бегалци. Им дадовме мирно небо и сигурна земја и Македонија заслужи награда за хуманост во тоа време како држава. Од друга страна, односите со Србија после нашата независност до 1996 година беа енигма и немавме односи. Очигледно е дека влијанието од овој спор има влијание врз Македонија и од тој аспект членството на ЕУ и САД и на 9-ти јуни 1999 година кога Милошевиќ потпиша капитулација и сега на 18-ти март, мислам дека гледаат дека ние сме поврзани на Западен Балкан како сврзани садови. Во тој контекст не може да се избегне влијанието од една или друга страна. Ние меѓу првите ја признавме независноста на Косово, а од друга страна со Србија имаме многу важни во делот на економијата. Западот ги гледа тие моменти и не случајно се бира Македонија како медијатор. Се разбира тука живееат и српско и албанско малцинство кои се дел од нашиот Устав. Постигнавме многу и затоа претставниците на ЕУ и НАТО бараат кај нас да се решаваат вакви големи спорови, оценува Ѓорчев.
Во однос на тоа колку Кумановскиот, Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија се успешни договори, поранешниот амбасадор смета дека секој договор под покривителство на меѓународни организации претставува еден голем товар за суверена држава.
-Со компромис ниту една страна не е задоволена, но во секој случај се постигнува напредок. Најдобро е сами да си ги решаваме проблемите без медијација. Кога сами државите ги решаваат проблемите, се постигнуваат оптимални решенија. Западот и Истокот многу малку знаат за нас на Балканот и секогаш си имаат свои мерки како да ги решаваат проблемите. Од тој аспект сите договори претставуваат компромиси, кои што носат проблем за двете страни и отворени прашања како Дејтонскиот договор и сето ова што се случува со Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија. Има незалечени рани, многу прашања и прашање е колку државите учеснички во договорот, во случајот Србија и Косово, ќе прифатат да се надминат себеси и да се дадат големи отстапки за да се надмине проблемот со мирновно решение, вели соговорникот.
Ѓорчев е дециден дека Унијата е цврсто решена да изврши притисок врз Србија и Косово да ги решат клучните прашања – ЗСО и меѓусебно признавање.
-Сепак признавањето останува дилема дали значи поддршка на Србија за членството на Косово во Обединетите нации и сите меѓународни асоцијации. Неизвесноста трае. Вучиќ тврди дека Србија е определена кон ЕУ, така што очигледно е дека има позитивна атмосфера, но ќе зависи од политичката и јавната сцена во Србија. Ова е на некој начин лимбо ситуација. И Косово има проблеми внатре во државата. Постои оптимизам, но да почекаме да видиме што ќе донесе средбата во Охрид, бара поранешниот дипломат и министер.
Македонија – тло за решавање на битни прашања од особена важност за регионот
Кумановскиот договор е воено-техничкиот договор склучен меѓу Меѓународните безбедносни сили и KФОР и владите на СР Jугославија и на Р. Србија, ноќта меѓу 9 и 10 јуни 1999 г. на воениот аеродром близу Куманово. Истиот означи крај на НАТО бомбардирањето на СР Југославија. Со договорот беше ставен крај на воздушните удари на нато на СРЈ, а ден подоцна е усвоена резолуцијата 1244 во Советот на безбедност. Договорот беше потпишан од генералот на југословенската војска Светозар Марјановиќ, генералот на полицијата Обрад Стевановиќ и британскиот генерал Мајкл Џексон. Договорот предвидуваше позиционирање меѓународни вооружени сили во Косово (KФОР) и повлекување на југословенските вооружени сили од Косово до 20 јуни 1999 г., воздушна безбедносна зона од 25 км од косовската граница и земјишна зона од 5 км. Со потпишувањето на воено-техничкиот договор во Куманово беа направени услови за повлекување на српската полиција од Косово, а во исто време силите на КФОР почнаа да влегуваат во Косово.
На 13 август 2001 година, најголемите политички партии во земјата, заедно со претставниците на Европската Унија (ЕУ) и на САД го потпишаа Охридскиот рамковен договор, со што се стави крај на внатрешните превирања. Охридскиот договор е склучен во текот на ескалацијата на насилства помеѓу етнички албанската ОНА и македонските вооружени сили во конфликтот од 2001. Поради тоа, многу граѓани, особено од македонска националност, го сметаат договорот за насилно изнуден и неприфатлив. Во договорот, покрај тоа што албанскиот јазик стана официјален, беа вклучени и развојот на локалните самоуправи, недискриминацијата, правичната застапеност, спроведувањето на посебните собраниски процедури за прашања како што се јазикот, културата, образованието, симболите и идентитетот. Покрај тоа, беше одлучено јазикот што го зборуваат повеќе од 20 проценти на етничките заедници да биде официјален јазик во кој било град од државата, покрај македонскиот.
Преспанскиот договор е меѓународен договор потпишан од министрите за надворешни работи на Грција и Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров, и посредникот на ООН, Метју Нимиц, на 17 јуни 2018 година во селото Нивици на Преспанското Езеро. Договорот ја раскинува Времената спогодба потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година. Според договорот, Република Македонија го промени своето официјално и уставно име во Република Северна Македонија, ерга омнес, а Грција го призна државјанството на соседната земја како македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, се согласи да го именува официјалниот јазик на соседната земја како македонски, и се обврза да не го попречува членството на соседната земја во меѓународните организации. Со новото име, Северна Македонија веќе стана 30-та членка на Северно-атлантскиот воен сојуз, НАТО и ги започна пристапните преговори со ЕУ.
На 1-ви август 2017 година, претседателите на владите на Република Македонија и на Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, во Скопје го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Договорот, во согласност со Уставот на Република Македонија, е потпишан на македонски јазик, а исто така, во согласност со Уставот на Република Бугарија, е потпишан и на бугарски јазик. Потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, кој од страна на премиерите беше оценет како историски момент, отвора перспективи за двете земји за интензивна и цврста соработка на билатерален и мултилатерален план, унапредување на транспортните врски и комуникации, олеснување на царинските и граничните формалности, издвојување средства за регионални инфраструктурни и прекугранични проекти, олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете држави, како и силна поддршка на Бугарија за евроатлантските аспирации Македонија.
Н.П.