Во вторник, првата дама на Америка, Меланија Трамп, ги угости сопругите на светските лидери во седиштето на Обединетите нации во Њујорк и ја претстави својата нова иницијатива „Заедно ја негуваме иднината“, насочена кон заштитата и унапредувањето на децата во дигиталното доба, како и прашањата за безбедноста на вештачката интелигенција.
Во кратко, четириминутно обраќање во свечено украсена сала, таа рече дека очекува колегите од други земји да се приклучат на коалицијата и во таа пригода го најави првиот работен состанок во Белата куќа во првиот квартал од 2026 година.
На приемот присуствуваа десетина први дами, неколку први господа и најмалку една кралица. Меланија рече дека „дојде моментот“ и повика на заедничко „чување на иднината“ за да им се овозможи на децата да достигнат нови височини во дигиталното доба. Во симболична метафора, таа рече дека „топките станале микрочипови, хартиените авиони станале дронови, а змејовите станале сателити“, нагласувајќи дека коалицијата сака да обезбеди секое дете да може да напредува во технолошки трансформиран свет.

Фото: Фејсбук/Принтскрин/Еј-Би-Си Њуз
Олена е одбиена
Иако се очекуваше Меланија Трамп да ја поздрави украинската прва дама Олена Зеленска, која стоеше во првиот ред за време на говорот, формална билатерална средба не беше договорена. Според советник во Кабинетот на првата дама, повеќекратните барања од Олена Зеленска за формална средба беа одбиени, со образложение дека ќе следи само неформален поздрав. Неколку минути по говорот, Зеленска беше видена во близина на лифтот, додека приемот сè уште беше во тек.
Во последните месеци, Зеленска ги засили напорите да се сретне со првата дама на САД за да нагласи заедничка посветеност за решавање на проблемот со повеќе од 20.000 украински деца кои, според Киев, биле киднапирани и насилно префрлени во Русија за време на војната. Претходно истиот ден, таа предупреди дека, со сегашното темпо, ќе биде потребен половина век за сите деца да се вратат дома, посочувајќи дека досега се вратени 1.625 деца, зад чии имиња се месеци потрага, преговори и ризици.