По Пентагон, и Москва потврди дека имало телефонски разговор Остин – Белоусов, детали не се откриваат

од Илинка Илиоска
37 прегледи

Министерите за одбрана на САД и на Русија, Лојд Остин и Андреј Белоусов вчера имале телефонски разговор, потврдија двете страни без да соопштат детали, пренесува ДПА.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека телефонскиот разговор бил „инициран од руска страна“, а Белоусов и Остин се осврнале „на прашањето за спречување на безбедносни закани и намалување на ризикот од потенцијална ескалација“.

Пентагон, пак, објави дека „секретарот (Остин) ја истакнал важноста од одржување на линиите на комуникација во услови на тековната војна на Русија против Украина“.

Остин и Белоусов има телефонски разговор и на 25 јуни.

Новиот контакт меѓу Вашингтон и Москва следува по најава на Германија и САД оваа недела на Самитот на НАТО дека постигнале договор за стационирање американски ракети со долг дострел на германска територија, почнувајќи од 2026 година. Тоа ќе биде првпат такво оружје да биде стационирано во Германија од крајот на Студената војна.

Оружјето на САД треба да вклучува крстосувачки ракети Томахавк со дострел до 2.500 километри способни да напаѓаат цели длабоко во Русија, како и ракети за воздушна одбрана СМ-6 и новоразвиено хиперсонично оружје.

Руските власти жестоко реагираа на објавата, обвинувајќи ги Германија и Соединетите Американски Држави дека ги зголемуваат тензиите и го туркаат светот кон нова трка во вооружување.

Слични содржини