Американскиот пејач Ар Кели беше ставен под надзор откако беше осуден на 30 години затвор за неговите многубројни злосторства.
На оваа пресуда ѝ претходеа повеќедецениски обвинувања против него.
Многубројните тврдења на неговите жртви „минуваа“ незабележано со години. Две децении обвинувања за сексуална злоупотреба извршени од музичарот врз малолетници не беа сфатени сериозно, сè до пред неколку години кога злосторствата на Кели конечно почнаа да ја интересираат пошироката јавност и судството.
Сега по пресудата е под надзор, бидејќи наводно постои ризик да се самоубие.
Ар Кели го тужел затворот во Бруклин бидејќи смета дека не треба да биде под посебен надзор, пренесува „Њујорк тајмс“.
Кели бил ставен под надзор од затворски психолог бидејќи во психијатрискиот извештај се вели дека постои „клинички ризик да се повреди себеси“ поради неговата „моментална состојба на умот и должината на казната“.
Споменатиот медиум пишува дека затворениците кои се под надзор поради страв од самоубиство носат хартиена облека наместо вообичаените затворски униформи и дека понекогаш не им даваат ниту прибор за јадење, туку мораат да јадат со раце.