По претставка на политичката партија Левица, државни инспектори за животна средина и природа, на ден 11.02.2021 година, извршија надзор врз функционалноста на колекторот што ги одведува отпадните води од населбите долж Охридското Езеро до станицата за пречистување во Враништа.
Инспекторите извршија увид на делница на колекторот од препумпна станица Орце Николов до препумпна станица Подмолје, посетувајќи ги и препумпните станици лоцирани долж оваа делница кај месноста Далјан и спортското игралиште.
При увидот констатирано е дека четирите препумпни станици се функционални. Меѓутоа, поради дождовите, како и собирањето, односно одведувањето на фекалните и атмосферските отпадни води во заедничка, наместо одделна мрежа, кај инспектираните станици утврдено е прелевање на отпадните води во езерото.
Државниот инспекторат ќе достави известување до надлежен овластен инспектор за животна средина и до општините Охрид и Струга да преземат мерки за санација на секундарната канализација и издвојување на атмосферските и фекалните отпадни води.
Заштитата на Охридското Езеро е со највисок приоритет и затоа општините и Јавното претпријатие „Колекторски систем“ мора да добијат финансиски средства за целосна реконструкција и санација на канализацијата, колекторот и пречистителната станица. Во меѓувреме овие надлежни институции ќе бидат задолжени од Инспекторатот да реализираат итни мерки што ќе придонесат да се намали излевањето на отпадните води во врнежливи периоди.