По смртта на Навални, Путин унапреди висок затворски функционер

од Nikola Popovski
196 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин унапредил висок функционер на затворот во кој пред неколку дена почина рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

Заменик-шефот на затворската служба ФСИН, Валериј Бојаринев бил унапреден во генерал-полковник при тамошното Министерство за внатрешни работи.

Директорот на Антикорупциската фондација, основана од Навални, во вторникот на Телеграм објави дека Бојаринев е лично одговорен за мачењето на Навални во затвор.

„Тоа мора да се сфати како отворена награда на Путин за тортурата“, рекол Иван Жданов во врска со унапредувањето на Бојаринев.

Во јули 2023 година, на судско рочиште, се дозна дека Бојаринев му наредил на Навални да го ограничи купувањето на храна и дневни потреби. Затворениците обично можат да купат што им треба во затворската продавница со свои пари.

Според Жданов, новоименуваниот генерал-потполковник е одговорен и за други злоставувања на лидерот на опозицијата.

За унапредувањето се дознало во понеделникот, кога претседателскиот указ на Путин бил објавен во правната база на податоци. Заедно со него, во чин генерал биле унапредени уште тројца службеници од органите на редот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, негирал дека овие унапредувања се поврзани со смртта на Навални, велејќи дека тоа е нормална процедура.

Навални (47) почина во петокот во сибирски затвор. Според информациите на руските служби, колабирал додека се шетал во дворот и починал и покрај обидите да го оживеат.

Слични содржини