Коалициските сили предводени од САД, спроведоа 16 воздушни напади врз цели на “Исламска држава” во сирискиот град Ракка. Градот е своевиден центар на силите на џихадисти и во последните недели е предмет на тешки напади од курдските бунтовници.
“Тоа беше еден од најголемите напади кои сме ги вршеле до денес во Сирија и ќе има уништувачки ефект врз можноста на” Исламска држава “да се повлече од Ракка”, коментира портпаролот на Пентагон Томас Гилерн.
Нападите доаѓаат по ветувањата на џихадистите дека ќе го направат месец јули крвав низ целиот свет. Веќе има закана кон Велика Британија за атентат на 7 јули, кога се навршуваат 10 години од нападите во лондонското метро.
Во меѓувреме “Исламска држава” прошири видео со егзекуцијата на 25 сириски војници.
Во видеото се гледаат деца-војници кои егзекутираат со пиштоли група од повеќе од 25 сириски владини војници. На видеото се прикажани наредени на колена војници на сцената на римскиот амфитеатар во Палмира, кој пред граѓанската војна се користеше за годишен меѓународен фестивал во градот. На клупите на амфитеатарот се гледаат повеќе гледачи на егзекуцијата, а се гледа и присуството на голем број вооружени мажи.
“Исламска држава” ја зазеде Палмира (Тадмор) на 21 мај. Падот на градот се случи, предизвикувајќи коментари меѓу меѓународната заедница дека владините сили не направиле доволно за да ги заштитат квартовите на градот. Пред опсадата, борците на “Исламска држава” не биле нападнати ниту од сириските воздушни сили, ниту од американските авиони кои нанесуваат удари по градот Ракка, “главен град” на групата.
Од падот на Палмира наваму има стравувања дека групата систематски го уништува и културното наследство, споменици стари илјадници години. Засега нема докази за нанесени сериозни штети, освен дел од колонада, која се урна по воздушен напад на сириските воздушни сили. Групата е обвинувана за извршени десетици егзекуции околу Палмира од окупацијата на градот.
“Исламска држава” е група која често користи деца-војници. Во заземени од неа територии, момчињата се обучувани посебно во кампови, а често станува збор претежно за деца од ирачките провинции гранични со Сирија. Според ирачките власти постои веројатност децата да бидат употребени за самоубиствени напади или при други масовни егзекуции.
Податоците на организацијата Сириска опсерваторија за човекови права покажуваат дека борците на “Исламска држава” киднапирале над 500 деца од ирачките провинции Дијала и Анбар во последните недели, за да бидат употребени при напади.
Егзекуцијата прикажана на последното видео од “Исламска држава, не е единствената на која бил сведок древниот град Палмира. Пред неговиот пад во рацете на џихадистите, Палмира беше познат и со строгиот затвор Тадмор каде се сметаше дека се егзекутирани и мачени стотици политички противници на режимот на Башар Асад.
