Експертите го испитаа пазарот на недвижности во германскиот град Минхен и дојдоа до изненадувачки резултат. Повеќе од 22.000 станови се празни, односно никој не живее во нив.
Секој месец би требало да се градат 1.000 нови станови
Побарувачката за простор за живеење во Минхен е голема: според прогнозата на Институтот Пестел, до 2028 година во овој густо населен град од милион жители месечно ќе треба да се градат околу 1.000 нови станови.
Се проценува дека моментално има недостиг од околу 10.500 станови во главниот град на Баварија. Ова се податоци од анализата нарачана од Федералната асоцијација за трговија со градежни материјали.
Од друга страна, повеќе од 22.000 станови се ненаселени – тоа одговара на 2,7 отсто од вкупниот станбен фонд на градот, пишуваат германските медиуми.
Во Минхен 22.000 станови се празни
Многу сопственици на имот се двоумат да реновираат, или поради недостаток на финансиски средства или поради неизвесност, на пример во врска со регулативите за заштита на климата. Дури и во случај на оставинска постапка, становите често остануваат неиздавани. Третина од неискористените станови се празни повеќе од една година.
Катарина Мецгер, претседател на Здружението за трговија со градежни материјали, е за намалување на градежните стандарди. Таа смета дека Владата е одговорна што нема повеќе социјални станови на располагање.
„Кој во предизборната кампања ќе вети 400.000 нови станови – вклучително и 100.000 новоизградени социјални станови – и ќе го наведе тоа во коалицискиот договор, не смее да се разбуди една година пред следните сојузни избори“, изјави Мецгер за германските медиуми.