Победа на Макфест за младиот Мартинијан Кириловски

од desk4
712 прегледи

Мартинијан Кириловски, кој повеќепати се појави на талент-шоуто „Ѕвездите на Гранд“, сношти во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, ја однесе макфестовската победа со песната „Сто пати на ден“.

Фејсбук/Стево Пендаровски

Тој претходно настапи во првата полуфинална вечер, по која се пласираше во финалето што се одржа на 12 октомври во Штип.

На второ место се пласираше дуото Александар Митевски и Драган Спасов – Дац со песната „Уште ми фалиш“, а третата награда ја добија „Фрајле“ и песната „Не ѝ признавај“.

Наградата за дебитант ја доби пејачката од Струмица, Славица Ангелова, најдобар аранжман Иле Спасов за песната „Твоите очи лажат“, најдобар сценски настап доби Мартија Станојковиќ, додека пак легендарната Росана Сариќ Тодоровска ја доби наградата на жирито за најдобра вокална интерпретација.

Во ревијалниот дел на фестивалот настапи Тамара Тодевска, која отпеа сплет од свои песни, меѓу кои и макфестовската „Тажна љубов, среќна песна“ и евровизиската „Proud“. Тамара на сцената на Макфест се појави на своја 6-годишна возраст, заедно со Маријана и Росана.

Првата награда ја додели градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, а сите изведувачи од публиката ги поддржуваше и претседателот Стево Пендаровски.

Слични содржини