Лиен Маршал, крунисаната победничка во петтата сезона на реалното шоу Проект Писта (“Project Runway”) е една од неколкуте млади модни дизајнери кои ја отворија Њујоршката модна недела 2015 (New York Fashion Week).
Маршал создаде над 40 стилски парчиња за колекцијата Пролет/Лето 2016 година, кои совршено ја илустрираа нејзината лична дизајнерска естетика – женственост, елеганција и лелеавост.
34 годишната дизајнерка од Калифорнија ја маѓепса публиката со креативната визија и умешноста на изработката, преку црни свилени фустани, како и нежни пастелни тонови, но во центарот на вниманието беше смарагдно-зелениот фустан од свилена органза со многубројни интригантни детали.
По завршувањето на ревијата, Лиен се заблагодари на својот тим и моделите за сета напорна работа. „Успеавме! Му се заблагодарувам на секој еден кој ми помогна во ова. Без сите вас јас сум ништо!“, напиша таа.