Почеток на крајот на одморите на Медитеранот? Грција е прва на удар

од Илинка Илиоска
231 прегледи

Туристите никогаш нема да престанат да летуваат на Медитеранот. Сепак, сите знаци укажуваат дека до крајот на овој век популарноста на Медитеранот како дестинација за летен одмор ќе опадне.

Иако е тешко да се поверува, токму тоа веќе се случува, а поради високите горештини, пишува The Telegraph, наведувајќи дека Медитеранот во август ќе биде топол како Дубаи.

Можеби вие самите веќе сте доживеале зголемување на температурата на термометарот. Ако сте ја посетиле Грција во последните две недели, сте сведоци на најраниот топлотен бран во земјата. Или можеби сте биле на Сицилија во 2021 година кога живата во термометарот достигнала дури 48,8 степени Целзиусови. Или сте останале на цедило оваа недела затоа што една од сицилијанските куќи ги одвраќала гостите поради недостиг на вода.

Некои тврдат дека Европа отсекогаш доживувала сезонски топлотни бранови, но тие никогаш не биле толку интензивни и чести. Според Службата за климатски промени Коперник (C3S), десетте најтопли години се забележани од 2000 година. Минатата година температурите низ Европа беа еден степен над просекот и два степени над прединдустриските нивоа.

Питер Стот, поранешен шеф на климатскиот мониторинг на Метеоролошката канцеларија, предвидува дека температурите во Европа наскоро ќе го надминат прагот од 50 степени.

„Тоа ќе се случи прво во областите најблиску до Медитеранот, бидејќи таму е најсилно влијанието на топол воздух од Северна Африка“, предупреди тој.

Рози Мамат, метеоролог на Универзитетот Рајдинг, вели дека ова лето може да донесе повеќе рекордни температури. А со нивниот раст најзагрозена ќе биде јужна Европа.

Стапката на смртност поврзана со топлината на Стариот континент е зголемена за 30 проценти, а подолгите, потопли и суви лета предизвикуваат суши, кои пак влијаат врз земјоделството и производството на храна, ја оштетуваат инфраструктурата и ги уништуваат живеалиштата. Средоземното Море се загрева побрзо од глобалниот просек, а се предвидува дека до 2100 година ќе порасне и до еден метар.

Имајќи го предвид сето горенаведено, туристичките дестинации во Медитеранот секако имаат причина за грижа. Туризмот учествува со повеќе од 19,6 отсто од БДП во Хрватска, 18 отсто од БДП во Грција, 12 отсто во Шпанија и 10,5 отсто во Италија.

Радек Новак од агенцијата Intrepid Travel вели дека повеќе не организираат пешачки патувања во Шпанија и Португалија во најжешките месеци (јули и август).

„Но, додадовме повеќе патувања во вонсезоната, во април и октомври, за да им олесниме на луѓето да ги избегнат екстремните температури. Додадовме и зимски патувања во земји како Грција и Хрватска“, рече тој.

Во иднина туризмот се повеќе ќе се врти кон постудениот север. Документот од 2023 година, нарачан од Европската унија, симулирајќи различни нивоа на затоплување и влијание врз туристичките движења, предвидува јасна шема во промените во побарувачката за туризам, при што северните региони ќе имаат корист од климатските промени, а јужните региони се соочуваат со значително намалување на туристичката побарувачка.

Овој процес е веќе во тек. Извршниот директор на германски Туи, Себастијан Ебел, рече дека нивната компанија планира да инвестира повеќе во пакет-тури низ полското Балтичко Море, во Холандија и Белгија.

Слични содржини