Почина актерот Мустафа Јашар

Пошироката публика ќе ги памети маркантните појави на Јашар во сериите и филмовите: „Итар Пејо“, „Илинден“, „Комедијанти“, „Белото Циганче“, „Климент Охридски“, „Тврдокорни“, но и по „Време води“, „Црвениот коњ“, „Јазол“, „Тетовирање“, „Македонска сага“, „Трето полувреме“.

од Бети Божиноска

Денеска, на 77-годишна возраст почина доајенот на Турскиот театар во Скопје Мустафа Јашар, се вели во соопштението на НУ Турски театар – Скопје на нивната страница на „Фесјбук“, во кое се посочува дека „Јашар беше чинарот на нашиот театар, нашиот сакан и вреднуван колега.“

„Изразуваме длабоко сочувство до семејство и неговите најблиски,“ објави Турскиот театар на Фејсбук.

Мустафа Јашар е роден на 19 август 1946 година во Куманово. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје, а од 1971 година работел како актер во НУ Турскиот театар – Скопје. Учествувал во многу филмски и телевизиски проекти и одиграл повеќе од 100 улоги во Турскиот театар.

„Претставите како „Алиш“, „Дервишот и смртта“, „Лудата Емине“, „Јунус Емре“, „Хамлет“, „Азизнаме“, „Куќа на граница“ се само неколку од неговите познати изиграни претстави, наведува Турскиот театар.

Пошироката публика ќе ги памети маркантните појави на Јашар во сериите и филмовите: „Итар Пејо“, „Илинден“, „Комедијанти“, „Белото Циганче“, „Климент Охридски“, „Тврдокорни“, но и по „Време води“, „Црвениот коњ“, „Јазол“, „Тетовирање“, „Македонска сага“, „Трето полувреме“.

Јашар е добитник на многу награди, меѓу кои награда за најдобра машка улога на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, награда за најдобар актер на МТФ „Војдан Чернодрински“ и други.

Изразувајќи соувство во пост на „Фејсбук“, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска го опиша Јашар како тивок и повлечен како личност, „но голем актер кој ја задолжи македонската театарска и филмска уметност со бројни ликови кои се столб на неговата матична театарска куќа, но и на целокупната филмска историја на македонската продукција.“

Според, Костадиновска Стојчевска, моќниот театарски и филмски израз го креваат Јашар во плејадата актери заслужни за високиот квалитет и современ израз на турската и на македонската сценска уметност.
„Наградите за Мустафа Јашар, едно од заштитните лица на турската култура во државава се потврда за вредностите кои тој ги негуваше, а кои сме должни како генерации да ги чуваме, и да ги пренесуваме на генерациите кои доаѓаат,“ истакна министерката за култура.

Слични содржини