Габи Новак, легендарната поп-пејачка од Хрватска, една од најпознатите поп-ѕвезди во поранешна Југославија, починала во 89. година од животот, јавија хрватските медиуми. Таа почина отприлика еден месец по смртта на нејзиниот син Матија Дедиќ, од бракот со славниот кантавтор и композитор Арсен Дедиќ.
Во последните седмици се борела со воспаление на белите дробови, но откако ја победила болеста, се вратил во домот за стари лица, каде од ден- на ден полека „гаснела“. Последниот роденден – на 8 јули – не го прославила.
Габи Новак е родена во Берлин (8 јули 1936) како Габриела, од бракот на Ѓуро Новак, од хрватскиот остров Хвар и берлинчанката Елизабете Рајман. Пред Втората светска војна се преселуваат во Загреб, а таа воените години ги минува кај баба си и дедо си на Хвар. Во војната во неразјаснети околности е убиен татко ѝ, па таа ѝ мајка и повоените години ги минуваат во Загреб во сиромаштија.
Од најмали нозе фасцинирана со цртање, таа матурирала во 1955 година на графичкиот оддел на новооснованото петгодишно Училиште за применета уметност. На еден новогодишен дочек 1957 година се осмелува во Загреб филм да ги запее хитовите од големиот екран Johnny Guitar на Пеги Ли и Secret Love на Doris Day.
Така почнува нејзината ѕвездена кариера што беше одбележана и со соработка со голем број ѕвезди, но главно со нејзиниот сопруг Арсен, кого го запознава во 1959 година.