Легендарниот српски рокер и фронтмен на групата „Рибља чорба“ почина во болница во Љубљана, на 72-годишна возраст. Бора Ѓорѓевиќ почина по тешко боледување, потврдија од неговата група.
„Почитувани пријатели, со тага и жал ве известуваме дека нашиот пријател и брат, Борисав Бора Ѓорѓевиќ не напушти. Почивај во мир драг наш Боки“, се вели во соопштението на бендот.
Последните денови од животот ги помина во Клиничкиот болнички центар во Љубљана, каде што беше хоспитализиран по тешка пневмонија.
Бора е роден во 1952 година во Чачак, а во поранешна Југославија остави голем белег на јавната сцена како рок-музичар и поет, а извесно време беше активен и на политичката сцена.
Поголемиот дел од својот живот го посветил на музиката, со која почнал да се занимава уште во тинејџерските денови, а во седумдесеттите бил член на бројни чачански и белградски поп и рок групи како „Zajedno“, „Suncokret“ и „Rani mraz“ (со Ѓорѓе Балашевиќ).
Сепак, најголема популарност стекна со групата „Рибља чорба“ која ја основа во 1978 година и со која сними бројни хитови како „Kad hodas“, „Lutka sa naslovne strane“, „Pogledaj dom svoj andjele“…