Почина модната икона Ајрис Апфел

од Nikola Popovski
432 прегледи

Американската дизајнерка и модна икона Ајрис Апфел почина на 102-годишна возраст. Самопрогласената „геријатриска старлета“ беше позната по својата кратка бела коса, големи очила, впечатлив кармин и бисери кои ги комбинираше со сè, пренесува Би-Би-Си. Апфел го достигна врвот на својата слава во 1980-тите и 90-тите, но таа е познато лице на модните ревии во Париз повеќе од половина век. Таа исто така има работено со мноштво познати клиенти, вклучувајќи ги Грета Гарбо и Есте Лаудер.

Родена во еврејско семејство во Њујорк во 1921 година, Апфел првично студирала историја на уметност и се усовршувала за внатрешен дизајн, особено текстил.

Работела како дизајнер на ентериер со децении, вклучително и проекти за реставрација во Белата куќа, пред да стане дизајнерка на облека во нејзините 80-ти и професионален модел на 97 години.

Во 2014 година таа била предмет на документарниот филм „Ирис“, кој го сними познатиот режисер Алберт Мејслс.

Зборувајќи за „BBC Newsnight“ во 2015 година, порачала дека „облекувањето треба да биде забавно“ и дека тоа е „шанса да се игра“.

„Тоа е дел од мојот живот, бидејќи јас сум креативна личност и мислам дека другите луѓе треба да се препуштат на креативноста“, изјавила таа.