Почна изградбата на новиот урбан парк покрај булевар „Трета македонска бригада“

316 прегледи

Почна изградбата на новиот урбан парк што ќе се протега меѓу булеварот „Трета македонска бригада“ и касарната „Гоце Делчев“ на улица „1615“.

Аеродромци наскоро ќе добијат современ парк со површина од 2 500 квадратни метри, кој ќе содржи зелени површини, пешачки патеки со клупи, спортско игралиште за рекреација на младите и детско игралиште.

„Почнуваме со изградба на нов парк покрај булеварот „Трета македонска бригада на површина од 2 500 квадратни метри. Ова место коешто претставуваше див паркинг, неуреден и неосветлен простор, прераснува во прекрасно уреден урбан парк приспособен за сите генерации. Се радувам што и жителите на овој дел од Аеродром ќе добијат свое катче за рекреација и дружење. Паркот ќе содржи зелени површини, пешачки патеки со клупи, спортско игралиште за рекреација на младите и детско игралиште“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

Ова е еден од низата паркови што ги изгради Општина Аеродром во изминатиот период. Нови урбани паркови се изградија во населбата Мичурин, каде што во соработка со Град Скопје е уреден и делот покрај Железничката станица, кој со години претставуваше запуштено и заборавено место.

Општина Аеродром изгради нов парк и на улицата „Методија Шаторов-Шарло“, а во тек е изградбата и на паркот на улицата „Пандил Шишков“ во населбата Стар Аеродром. Пред извесен период беше комплетиран и современиот парк „Бојмија“ во населбата „Острово“.

Неодамна Град Скопје ја уреди и зелената запуштена површина меѓу булеварот „Јане Сандански“ и улицата „23 Октомври“.

Општината продолжува да ги претвора сите простори што го дозволуваат тоа во прекрасни уредени места каде што граѓаните ќе можат да минуваат пријатни моменти.

Слични содржини