Почна санацијата на горниот тек на Вардар во општина Јегуновце

од Nikola Popovski
158 прегледи

Почнаа градежните работи за санација и регулација на коритото на горниот тек на реката Вардар во општина Јегуновце чија цел е да го намалат ризикот од поплави во овој регион од Полог.

Теренска посета на локацијата во селото Тудинце денеска извршија Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), Армен Григорјан заедно со градоначалникот на општина Јегуновце, Димитар Костадиноски.

Министерката Шукова потенцираше дека Полошкиот регион е подрачје кое е исклучително ранливо на временските непогоди, како што се поплавите, кои често имаат катастрофални последици за жителите.

„Од таа причина, применувајќи интегриран пристап со поддршка и соработка на сите вклучени страни како што се донаторите, владата, локалната власт и заедниците, им помагаме на локалните заедници во зголемување на отпорноста кон ваквите природни непогоди“- истакна Шукова, посочувајќи дека санацијата на речните корита подразбира чистење на природното корито од градежен шут, комунален и кабаст отпад како и вегетација од самото корито што го попречува текот на реката.

Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации, Армен Григорјан, оцени дека поплавите во горниот тек на Вардар, во општина Јегуновце, се честа закана за домовите и земјоделскиот имот на жителите на селата во овој регион, што се потврди и во текот на месец Јуни, кога два пати дојде до излевање на реката и поплави.

„Корист од оваа интервенција директно ќе имаат околу 3000 жители на општината Јегуновце и околу 10 000 жители од населените места во општина  Гостивар, преку засилувањето на отпорноста и намалувањето на ризиците од поплави. Мотото на УНДП е: „треба да се справуваме со ризиците а не само со последиците од катастрофите“. Локалната власт треба да планира стратешки и да може да реагира на кризите бргу за да ги заштити животите на луѓето и нивните имоти “ – изјави Григорјан.

Изразувајќи благодарност за инвестицијата на Швајцарија, градоначалникот на Јегуновце, Димитар Костадиноски, оцени дека станува збор за проект од огромно значење на жителите на општината, кои често се изложени на ризикот од поплавите.

Активностите за санација и регулација на горниот тек на реката Вардар ќе се спроведуваат на две локации: во општината Јегуновце, како и во општината Гостивар.

Во Јегуновце ќе се работи на чистење и регулација на коритото на горниот  тек на Вардар и стабилизација на речните брегови, во должина од осум и пол километри.

Очекувањата се дека градежните активности во Општина Јегуновце ќе се реализираат во период од 5 месеци а за нивна реализација ќе бидат инвестирани 1 218 022 американски долари. Интервенцијата на горниот тек на Вардар, во општина Гостивар, ќе се реализира во период од 4 месеци, за што ќе се инвестираат над 330 000 американски долари.

Овие активности се реализираат во рамките на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошки регион“ финансиран од Владата на Швајцарија, кофинансирани од Министерството за животна средина и просторно планирање во Република Северна Македонија и се спроведуваат во партнерство со Програмата за развој на Обединетите Нации.

Слични содржини