Во Собранието на Република Северна Македонија започна 142-та седница на која на дневен ред е предлогот за именување на заменици министри и дополнителни заменици на министри во Владата.
За дополнителен заменик-министер за внатрешни работи СДСМ го предлага Митко Бојмацалиев, а за дополнителен заменик-министер во Министерството за труд и социјална политика е предложена досегашната министерка Јованка Тренчевска.
Од ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен заменик министер за финансии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Собранието претходно на денешната 141. седница со 65 гласа „за“ и тројца „против“ ја изгласа техничката влада предводена од Талат Џафери. На седницата присуствуваа 111 пратеници. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се воздржаа од гласање на техничката влада.
Со изборот на дополнителните заменици министри треба да се комплетира составот на техничката Влада.