Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски денес лично ќе ги образложи уставните измени пред Комисијата за уставни прашања. Со тоа започнува собраниската процедура за отворање на Уставот на државата, а Ковачевски ќе биде прв говорник и ќе има 30 минути да ја објасни потребата од вклучување на Бугарите и другите народи во Преамбулата од Уставот.
Процедурата почнува без претходно обезбедено мнозинство од 2/3 во Собранието и став против амандманите на ВМРО-ДПМНЕ. Пратеничката група допрва ќе учествува на комисиската расправа, а вчера попладне беа направени конечните договори со лидерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски во изјава за медиумите кажа дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени е јасен и непроменет повеќе од една година, а додаде дека не гледа причина ниту да биде променет под, како што вели, ваков диктат. И на комисиската и на пленарната седница во Собранието, кажа Мицкоски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе гласаат против уставните измени.
Уставните измени треба да бидат усвоени од сите пратеници кои и мислат добро на оваа држава, порача потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска.
Шефот на државата Пендаровски смета дека со оглед на тоа дека ставовите на двата блока во македонското Собрание се многу јасни и досега непроменети, не очекува првата фаза гласање за евентуално отворање на уставните промени да се случи во август, туку некаде кон крајот на септември. Во однос на рокот, промената на Уставот треба формално да заврши до 30 ноември, додека трае скринингот од ЕУ.
Собранискиот спикер Талат Џафери пленарната седница за потребата за пристапување кон уставните измени ја закажа за 18 август, пред тоа на 25 јули ќе започне расправата во Комисијата за уставни прашања, која може да трае најмногу 10 работни денови. Со оглед на тоа што втори август е неработен, а за 27-ми јули се закажани пратеничката прашања, комисиската расправа се очекува да заврши меѓу седми и деветти август.