Започнува најголемата статистичка операција во земјава.Директорот Апостол Симовски, вели дека институцијата со која раководи е подготвена да ја спроведе статистичката операција, откако заврши обуката на регионалните инструктори и попишувачи.
Во 8:00, полни со енергија и ентузијазам одиме на попис. Сигурен сум дека и граѓаните сакаат да се попишат бидејќи знаат колку е важна оваа статистичка операција за иднината на државата,изајви за „Локално“ пред два дена директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
„Никого нема да доведеме во опасност од зараза“
И премиерот Зоран Заев рече дека не очекува проблеми со спроведувањето на пописот. На новинарско прашање како ќе се решаваат ситуации со оние граѓани кои нема да примат невакцинирани попишувачи, тој рече дека има решение и за таквите ситуации.
– Кога ќе се случат вакви ситуации може да се направи рокада на попишувачите за да може флексибилно да излеземе пред се во барањата и очекувањата на граѓаните. И попишувачите се вакцинирани во значителен процент. Мислам дека имајќи во предвид дека пописот се спроведува 20 дена, овој пат е 25 дена имаме дополнителни можности за флексибилно постапување се со конечна цел стопроцентно да ги собереме сите податоци од нашите граѓани, рече Заев.
Министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека нема никакви правни пречки за негово одржување, протоколите ќе се почитуваат, а бројот на попишвачи ќе се надоканди со администрација. .
-Се работи на дополнување на бројот на резервни попишувачи во одредени подрачја. Владата на располагање ги стави оние лица, кои се ангажирани со договор на дело по институциите, да помогнат таму, каде што има потреба и мислам дека со тоа ќе се заокружи бројот на попишувачи, рече Маричиќ.
Маричиќ информираше за бројот на попишувачи и за тоа дали има доволен број на лица, кои ќе бидат задолжени за пописот.
-Најголемиот дел од попишувачите се самопријавени на огласот. Го продолжувавме повеќе пати, а еден ограничувачки фактор е што во законот стои дека попишувачите мора да бидат невработени, односно да не бидат во постојан работен однос, така што многу малку беа заинтересирани на самиот почеток, вели Маричиќ и додава дека во некои населени места фалат попишувачи, но тие ќе бидат надоместени преку лицата кои се ангажирани преку договор на дело во институциите.
Тој предупреди дека постојат казни за граѓаните што би одбиле попишувачи.
-Нормално постојат и прекршочни мерки, односно глоби за оние кои би одбиле попишувачи, меѓутоа ние не сакаме како институција и како Влада воопшто да посегнуваме по тие методи. Сакаме да ги мотивираме и затоа и ја правиме оваа кампања, и јавно ги повикуваме граѓаните да се попишат бидејќи нема никаков интерес да не се попишат, посочи Маричиќ.
Пописот ќе трае до 30 септември. Дотогаш ќе важи и рокот за попишување на дијаспората.