Денес и утре лидерите на земјите-членки на НАТО ќе се соберат во Вилнус, на дводневен самит на Алијансата, на кој ќе се занимаваат со широк спектар прашања, а главна тема ќе биде како членките ќе одговорат на украинскиот барање за влез во НАТО. Дополнително, претставниците на НАТО ќе се осврнат и на прашањето за членството на Шведска во Алијансата, на што долго време се спротивставуваше Турција, а резерви имаше и Унгарија. Сепак, Столтенберг во понеделникот вечерта, по состанокот со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон, објави дека Ердоган се согласил да ја поддржи кандидатурата на Шведска, додека Орбан во четвртокот изјави дека Унгарија нема да ја блокира. Тој најави дека ќе предложи укинување на таканаречениот Акционен план за членство, кој вклучува економски и политички реформи што една земја кандидат треба да ги преземе на патот кон членство во НАТО. Нагласи дека со тоа ќе се поедностави процесот на членство.
Сепак, некои земји од НАТО се двоумат дали да одат предалеку, плашејќи се дека ветувањето за речиси автоматско членство може да и даде поттик на Русија и да ескалира и да ја продолжи војната. Професорот и поранешен македонски амбасадор во НАТО, Нано Ружин во разговор за „Локално“ вели дека постои голема резерва Украина да стане членка на Алијансата.
-Постоеше една опција да стане членка, но без употреба на членот 5. Американскиот претседател Бајден веќе истакна дека се уште не е време за тоа, дека Украина еден ден сигурно ќе биде членка, но во моментов не треба да ги попречува стратешките позиции на Алијансата. Оттаму не се очекува сега Украина и Грузија да добијат повик за членство, ни рече Ружин.
Профеосорот посочува дека останатите амбиции на Алијансата се пред се да овозможи и дел од другите историски неутралните земји како Австрија, Ирска и Швајцарија евентуално да станат членки.
-Се работи за големо зголемување на Алијансата во смисла сега е моментот кога Европа има потреба од безбедност. Исто така тука е и амбицијата на Јапонија, НАТО да отвори биро таму, но иако постои добра волја, Алијансата нема да намера да оди во таа насока. Тоа се држави кои што имаат едно сојузништво и НАТО би им помогнал, но не сака да ја буди Кина, која е најголем ривал на САД во тој геополитички простор, истакнува Ружин.
За Самитот во Литванија, соговорникот вели дека е „ренесансен“ за организацијата која што не беше толку респектирана и од страна на нејзините членки.
-Ако се присетиме на историскиот мадридски самит за Македонија каде што дојде до договор со Бугарија, за да се одблокира процесот, овој во Вилнус е еден вид одблокирање на амбициите на Шведска да стане држава членка на Алијансата. Ердоган направи голем компромис што се должи и на влијанијата на САД, но исто така на заладувањето на односите со Русија по пуштањето на борците од Азов кои што беа заробени минатата година, а беа држени како затвореници во Турција. Овој Самит означува ресетирање на организацијата, јакнење во смисла на северното крило и покажување на решеност да се зајакне Алијансата во смисла на одвраќање на руските евентуални планови за дестабилизација и напад на Европа, дециден е поранешниот амбасадор во НАТО.
Заклучува дека „најверојатно требаше да се случи настан како во Украина, за Алијанса да се пронајде себеси“.
-Како ќе одат понатаму работите, не се знае… Светот ги надминува елементите на глобализација и нема да имаме едно големо глобализирано општество на целата планета, нема да имаме една глобализирана економија и глобализирана технолошка целина. Сето тоа ќе се деглобализира во регионални целини, а тука интересот ќе го најде Република Северна Македонија во соработка со најсилните држави во светот, оценува Ружин во разговорот.
Н.П.