Под истрага смартфоните на „Нокиа“ за испраќање информации до сервери во Кина

од Vladimir Zorba
91 прегледи

Властите во Финска објавија дека ќе започнат истрага на компанијата „ХМД Глобал“, која ја има лиценцата за мобилните телефони под брендот „Нокиа“.

Причината е сомневање дека паметните телефони на компанијата испраќале информации до серверите во Кина, објави Ројтерс.

Според финскиот омбудсман Рејо Арнио, сé уште не е јасно дали компанијата извршила прекршувања поврзани со личните податоци на своите клиенти.

Според информациите од норвешката јавна радиотелевизија „НРК“, засегнатибиле корисниците на „Нокиа 7 Плус“. Според медиумите, „нејасен број на паметни телефони од моделот праќале податоци на сервер, со седиште во Кина“.

Од „НРК“ направиле своја истрага по сигнал на клиент кој тврдел дека неговиот телефон често контактирал со одреден сервер.

„ХМД Глобал“ ги негира тврдењата.

„Ние можеме да потврдиме дека никакви лични информации не се споделени со трети страни“, соопшти компанијата како одговор на прашањата на „Ројтерс“.

Во пораката, исто така, се вели дека софтверски дефект е откриен во група на одреден модел, кој сепак бил отстранет во февруари оваа година.