ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин е дел од новоформираната работна група за уставни измени.
-Ковачевски и СДС само декларативно се претставуваат како про НАТО и про ЕУ, во суштина влечат длабоки корени со структури со сомнителни политички и лични врски, како Јагода Митревска, која од поддржувач на Путин станува експерт на СДС и Ковачевски, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според најголемата опозициска партија, „Митревска има фотографии кои покажуваат како таа гордо се слика пред простории на партијата на Путин“.
Работната група составена од професори, експерти и партиски претставници оваа недела треба да почне со работа. Номинираните членови ќе работат на утврдувањето на уставните амандмани.
Ова работно тело е формирано од Министерството за правда кое е задолжено од Владата да ја подготви предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието.