Владата деновиве ќе ја разгледува предлог – иницијативата за уставни измени изработена од страна на работната група. Се предлага промените да бидат во делот на Преамбулата со тоа што „после бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ и египќански народ“. Меѓу предложените делови од народи кај јавноста предизвика интерес и тоа што не се спомнати Торбешите односно Македонците-муслимани, иако претходно дел од нив искажаа желба за да бидат вметнати во Преамбулата од Уставот.
„Локално“ поразговара со поранешниот пратеник Рејхан Дурмиши, кој е член на здружението „Торбешки мост“. Тој не се согласува со тоа што е предложено од Работната група и порача дека Торбешите требаше да бидат напишани пред сите други народи затоа што самиот попис недвосмислено покажа дека во државава има 6017 Торбеши од кои 4174 се резидентно население, а 1843 се од дијаспората. Вели дека иако бројката е далеку помала од реалната што има Торбеши во земјава, има неспорни факти и докази дека луѓето имале можност да се самоопределат, се самоопределиле.
-Зошто е ова направено не знам? Ние како „Торбешки мост“ имавме непосредни контакти со владини претставници и претставници на Работната група за уставни измени, но на крај испадне дека само нас не нема. Чудо! Имате таму 230 луѓе што се изјасниле едно и 60 што се изјасниле друго и тие ќе влезат во Уставот, а Торбешите не влегуваат што е апсурд невиден, објаснува Дурмиши.
Тврди дека има информации дека турскиот претставник во Работната група за уставни измени практично дал вето или забрана да има Торбеши во Преамбулата на Уставот, но како што вели, тоа не го оправдува фактот дека другите биле за.
-Наша претпоставка е дека сите биле против. Која е причината зошто биле против не знам. Знаеме дека беше составена дел од експерти и дел од политички партии или етникуми кои што се застапени во Преамбулата. Тие можеби сметаат дека ние им пречиме, но напротив, ако се реши торбешкото прашање, никој нема да има проблем во државата. Ние сме луѓе кои сме живееле овде од памти век, со свои корени, но се различни од сите други. Најверојатно и на Македонците, Албанците и на Турците не им одговара да бидеме Торбеши затоа што сите сакаат да бидеме или Турци или Албанци или Македонци што не е во ред, порачува Дурмиши.
-Како здружение подготвуваме и текст, кој утре ќе го испратиме до премиерот со наши аргументи дека може да се исправи ова и дека како предлог на Владата во Преамбулата да бидат вметнати и Торбешите, посочува соговорникот и додава:
-Не знам дали имало притисоци, но на пописот треба секој да си го каже тоа што си е. Јас ако се чувствувам едно, треба да кажам како се чувствувам и секако дека секој треба тоа да го каже. Ако сметате дека дел од Торбешите се попишале или би требало да се попишат како муслимани, имаше и такви графи и имаше и бројки. Мислам дека Македонци-муслимани според последниот попис се попишале 455 луѓе, а 1100 и нешто се исклучиво како муслимани. Знам дека процесот се одвиваше не многу транспарентно и овие бројки сепак излегоа, иако по припадност и наследност Торбеши има многу повеќе, објаснува членот на „Торбешки мост“.
Од друга страна со ваквиот став не се согласува Исмаил Бојда, почесен претседател на Сојузот на Македонците со исламска вероисповед. Тој во разговор за „Локално“ вели дека не треба да бидат дел од Уставот како посебен народ затоа што се чувствуваат како Македонци.
-Ние не сме етничка заедница, туку Македонци по националност и нема потреба да се крева врева и да не распарчува некој по основ на религија. Најново беше со лапсусот за внесувањето на Егејците во Уставот. Ние сме Македонци по национална припадност, а религијата е приватна своина односно тоа што останало во семејството или се наследува. Јас кога бев роден не бев ниту православен ниту муслиман, сама ја добив религијата, никој не ме праша што сум. Овие луѓе се една група која што сака или намерно или од некого поттикнати да го распарчуваат македонскиот народ, ни рече Бојда.
Тој е категоричен дека Торбешите не треба да бидат внесени како посебен дел од народ во Уставот.
-Дали сакате да избегате од сопствената кожа? Некој тоа сака да го направи или се срами од тоа што е како Македонец. Националноста има формула, има јазик, култура, држава, обичаи и сите други елементи што го прават еден народ што живее во таа држава. Торбешите на кој јазик зборуваат и пишуваат? Некако забегана е работата, заклучува Бојда.
„Локално“ ја контактираше и претседателката на Работната група, Маргарита Цаца-Николовска, во однос на прашањето зошто торбешкиот народ не е меѓу предложените народи, но ни рече дека во моментов е на пат и не може да одговори.
Н.П.