Подготовките за избор на нов папа се во тек, а исходот е понеизвесен од кога било досега, со оглед на тоа што многу од кардиналите ќе учествуваат на конклавата за прв пат.
Конклавата што ќе го избере новиот папа вклучува 135 кардинали кои ќе се соберат во Систинската капела следната недела за да го изберат наследникот на папата Франциск, пишува денес „Гардијан“.
Голем број кардинали кои ќе гласаат беа назначени на конклавата од самиот папа во текот на изминатите 12 години, а 20 функционери ја добија титулата кардинал дури во декември минатата година.
Пред официјалниот почеток на конклавата, во ходниците, трпезариите и градините на Ватикан се водат дискусии и лобирање, пишува „Гардијан“.
Ватикански извори велат дека повеќе од 20 кардинали се идентификувани како можни кандидати за папа.
Сепак, бројот на оние кои се квалификуваат како главни кандидати кои поминуваат низ повеќе круга на гласање е мал.
Хорхе Марио Берголио, вистинското име на папата Франциск, не се сметаше за еден од кандидатите во 2013 година, но сепак беше избран за поглавар на Римокатоличката црква на крајот од гласањето, потсетува „Гардијан“.
Меѓу кардиналите за кои се очекува да го поддржат конзервативниот наследник на папата Франциск се Рејмонд Бурк, американски бискуп кој е поддржувач на претседателот Доналд Трамп, и германскиот кардинал Герхард Милер.
Според „Гардијан“, во таборот што ќе го поддржи прогресивниот кандидат се кардиналите Жан-Клод Холерих од Луксембург, Тимоти Радклиф од Англија и Мајкл Черни од Канада.
Папата Франциск избра околу сто кардинали за конклавата, и се стремеше тие да доаѓаат од многу мали католички заедници како што се Иран, Алжир и Монголија.
Тој, исто така, работеше на намалување на старосната граница за избор на кардинали, така што седум од назначените во декември беа под 60 години.
Во 2013 година, повеќе од половина од кардиналите на конклавата беа од Европа, а сега тој процент се намали на 39 проценти, додека 18 проценти се од Азија, 18 проценти се исто така од Латинска Америка и Карибите, а 12 проценти се од Потсахарска Африка, пренесува Танјуг.